На кои теми најчесто разговарате со пациентите и со нивните семејства, како сега тие се чувствуваат?
Досега поголемиот број на јавувања од страна на пациентите биле околу тоа како да се справат со емоции како стравот, загриженоста од евентуално заразување со коронавирусот, како да се заштитат себеси и своите најблиски, загриженост околу тоа како поради пандемијата ќе продолжи и како ќе влијае на нивното лекување, справување со вознемиреноста околу тоа колку се чувствуваат безбедно при посета на клиниката за терапија, како да се прилагодат на новата ситуација, кои активности би биле од помош во минувањето на поголемиот дел времето дома, како да се носат со ефектите од физичкото дистанцирање, како да се справат и со самите себе во минувањето на поголем дел од времето дома.
Колку е важна професионалната психолошка поддршка за онколошките пациенти? Како за еден млад психолог, колку е предизвик да се работи со оваа категорија граѓани?
Со колешките Мирјана и Елена сме на почеток во создавање на нешто што ќе биде од голема важност за онколошките пациенти на Клиниката. Потребата од психолошка помош и поддршка за онколошките пациенти е навистина неопходна. Самиот здравствен систем го проширува својот спектар на услуги со тоа што покрај здравствената грижа за пациентите нуди грижа за нивното психолошко здравје преку отворање на кабинетот и со тоа се приближуваме во следењето на практиките низ светските клиники каде што ваквите кабинети и советувалишта се составен дел во грижата за пациентот. Секако дека ентузијазмот е присутен кај мене што имам чест да бидам вклучена во тоа, да учам и да се надоградувам и сето тоа благодарение на директорот на Клиниката д-р Васев, Комората на психолози и ФБ групата Љубов сме/Jemi Dashuri.
Како се одразува болеста врз нивното ментално здравје, освен што влијае и на физичкото?
Психолошкиот дел во болеста е начинот на кој се однесува пациентот кон дијагнозата, третманот, односот кон другите луѓе како и кон себеси. Емоционалните состојби може да варираат од човек до човек. При самата дијагноза и во процесот на лекување пациентот минува низ неколку емоционални состојби, шок, неприфаќање, страв, грижа, лутина, бес, тага, вина, осаменост, надеж, прифаќање. Многу нови интензивни емоции непознати за пациентот кои варираат од ден во ден. И сите тие се нормални. Пред сѐ чувство на губење на контрола врз својот живот, преокупирачки мисли кои го доведуваат до прашање пациентот за нивниот живот, чувство на беспомошност, осаменост, нормалниот живот нарушен поради контроли, прегледи, терапии, чувство како да не може да се ужива во вообичаените активности, соочување со неизвесност. И сето тоа пропратено со голем број на промени во телото, интензивни болки, срцебиење, дијареа, главоболки, омалаксаност, проблеми со спиењето. Затоа сметам дека онколошките пациенти се значајно резилиентни луѓе бидејќи имаат способност да се прилагодат на несаканата реалност и неизвесноста од моментот на дијагностицирањето на болеста. И токму од нив може да научиме многу околу справувањето со пандемијата и нејзината неизвесност.
Имате ли некој момент од Вашето досегашно работење на кое сте особено горда и нешто што Ви оставило посебен впечаток, на пример пациент со длабока депресија кој успеал да го најде светлото на крајот од тунелот?
Во секојдневната пракса во кабинетот, и Елена и јас имаме голем број позитивни фидбеци за нашата работа од страна на пациентите и тоа ни дава дополнителен мотив за понатаму. Нам и само насмевката од пациентот ни дава голем елан за работа. Затоа што сега пациентот има место каде да се чувствува сигурно, безбедно, ислушано, разбрано, охрабрено, поддржано итн. Кога ја имаа оваа поддршка пациентот чувствува дека не е сам низ она што го поминува. Примери има многу, од неодамна за мене од голема важност беше да работам со пациент кој се плаши од промените кои следат од хемотерапијата, како и работа со пациенти кои одбиваат терапија, исто така телефонски повик со клиент кој беше под интензивен страв и паника за време на разговорот поради состојбата со коронавирусот која ги засилила некои од симптомите кои ги чувствувал и претходно.
Ако ве вратиме назад во времето, може ли да ни кажете како се роди Вашата љубов кон психологијата?
Љубовта кон психологијата се случи додека бев во средно училиште, кога првпат дојдов во контакт со психолошка литература која ми остави голем впечаток и за кратко разбрав дека тоа е она што сакам да го изучувам понатаму, а и да се бавам. Љубовта сѐ повеќе растеше како што се вклучував во дополнителни едукациски групи, курсеви, како и соработката со неколку ценети психолози, психотерапевти од кои имав прилика да учам.
На какви проекти досега сте работеле и како станавте дел од тимот на Клиниката за онкологија?
Како млад психолог своето скромно професионално искуство го градев на неколку проекти предводени од Отворена Порта и УНИЦЕФ за време на бегалската криза во работата со мигранти, работа со деца и младинци од СОС Детско село, како образовен асистент на дете со аутизам и бев вклучена на СОС линијата за помош од трговија со луѓе од страна на Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе – Отворена порта. Во секој од овие ангажмани вклучувајќи и работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија пред сѐ гледам и како на личен предизвик како и во надоградба на своето професионално знаење и вештини. Посветеноста, трудољубивоста во секој од овие работни ангажмани биле моја водилка.
Дали имате професионална „деформација“ во Вашето секојдневие да ги проучувате луѓето користејќи ја Вашата стручност?
Сигурно дека има. Можеби во преоoбмислување, преанализирање на нештата предвреме.
Последните години сѐ поактуелни се јавните говори на психолозите, кои ги користат социјалните мрежи за да допрат до луѓето, споделувајќи информации на разноразни теми. Колку според Вас, новите медиуми може да ја подобрат менталната хигиена на луѓето? Дали би се согласиле дека новите медиуми се меч со две острици, бидејќи иако со нив се зголемува можноста за психолошка поддршка, сепак тие се и место каде често сведочиме на говор на омраза, кој би можел да се одрази врз самодовербата на една личност?
Би се согласила дека благодарение на поголемата присутност на психолозите во медиумите и отворањето на голем број теми за кои во минатото се сметало дека се табу тема и нивното стручно објаснување влијае врз свесноста и перцепцијата на луѓето. Сведок сум дека сѐ поголем број на луѓе се обраќаат за стручна психолошка помош кога им е потребна иако сѐ уште треба да се работи на тоа со уште активности и кампањи. Големата посетеност на средбите за психолошка поддршка, големиот број на повици кои ги бележи Комората на психолози со нејзните достапни телефонски линии говори дека сме потребни, но и дека нашата дејност треба да е позастапена низ повеќе институции во државата како услуга или сервис кои би им се нудел граѓаните. И во тој контекст би се оствариле едукации, кампањи, активности за сајбер булингот кој за жал е сѐ поприсутен. Во јавноста не е доволно само да се зборува за сајбер булингот, туку има реална потреба од доверливи институции,организации кои би се бавеле со таков проблем.
Многумина кои имаа средна и средно-тешка состојба на зараза од корона се разочарани од озборувањето на околината. Како треба луѓето кои оздравеле да се однесуваат на околината која сѐ уште ги гледа како „одбележани“?
За жал имаше осуда кон заразените од коронавирусот. Никој од заразените не сакал намерно да се зарази, ниту пак некој сака да биде болен. Никој не треба да чувствува вина што се заразил, разболел. Бидејќи само со осудата, критиката, предизвикуваме лицата да се кријат, да немаат доверба и сето тоа да го доведе до ризик не само физичкото туку и менталното здравје.
За крај – како да извлечеме поука од новото „нормално“? Кој е Вашиот совет?
Сметам дека оваа пандемија нѐ научи како да ја зголемиме вредноста на многу нешта во животот. Секоја криза носи промена, па веројатно нѐ научи како да ги приоритизираме нештата, чувството на поврзаност, конекција со другите не е само опција туку нешто што ни е неопходно за наша добросостојба, чувство на поголема благодарност кон животот.Кај некои доведе до позначаен контакт со себеси, учење на некои нови вештини, кај некои во обновување на односи/релации со други луѓе. Мислам дека остави белег кај секого и секој нешто научи. Бидејќи го доживуваме на колективно ниво секако дека ни дава и поголемо чувство на заедништво.
Вања Мицевска