По Скопје и Струмица основа јавно претпријатие, чија основна дејност е хуман третман и благосостојба на бездомните кучиња. Целта е трајно и ефикасно намалување на намален нивниот број преку програмата заснована на методот ”залови – стерилизирај – вакцинирај – вдоми/врати”.
ЈП “Стационар Лана – Струмица располага со 58 легла/боксови, каде, оперативно ќе работат: 2 ветеринарни лекари, 3 ветеринарни техничари, 2 заловувачи со меѓународен сертификат и 3 одгледувачи со меѓународен сертификат.
Процесот на иницијален третман на околу 500 бездомни кучиња од градот и населените места на Општина Струмица започнува веднаш, а во текот на следните 2-3 месеци, во соработка со Факултетот по Ветеринарна медицина, Сектор за благосостојба и Агенцијата за Храна и Ветеринарство е планирано броење на сите бездомни кучиња во Општината.

-Особено ме радува фактот што веќе ги имаме и првите граѓани коишто сакаат да вдомат кучиња. Упатувам порака дека колку сме со поголема свест во однос на кучињата скитници и сакаме да ги вдомиме, толку помалку ќе имаме и кучиња скитници на улиците. Ако навистина ги сакаме животните, тогаш да им дадеме дом на сите, рече на отворањето градоначалникот Костадин Костадинов.
Работата на стационарот е базирана на хуман третман на бездомните животни, преку заловување на животните, транспорт до стационарот, прием и преглед од овластен ветеринар, тест за социјализација, лабораториско испитување за одредени болести, идентификација и водење евиденција (чип и ушна маркичка), овариохистеректомија (стерилизација) и орхиектомија (кастрација), постоперативно сместување, лекување и нега, како и соодветна вакцинација и дехелментизација.

По овој процес, секое заловено куче ќе има престој во стационарот до 30 дена – период во кој преку соодветен веб сервис ќе се поттикнува нивно вдомувањето. Во случај кога нема да има интерес, нивното повторно враќање е на локацијата од каде биле заловени.

Заради заштита на јавното здравје, многу болните и екстремно агресивните животни ќе бидат подложни на еутаназија, сé согласно законските прописи.