- Општо земено, сметаме дека учебникот е, всушност, директен резултат на избрзано донесената Концепција за основно образование, врз база на која е изработена и новата наставна програма. Таа програма, со сите свои недостатоци, ги дава насоките за составување на учебникот, и во поглед на концептуалната структура и во поглед на содржината. Оттука, нужно е наставната програма да се повлече, како и самата Концепција врз основа на која е изработена. Напоменуваме дека уште пред нејзиното донесување, Концепцијата за основно образование беше изложена на остри критики и беше целосно отфрлена од сите релевантни научни и високообразовни институции, при што беше укажано на штетата што ќе ја предизвика, нешто што сега станува очигледно, се нагласува во реакцијата.
Според Здружението, Концепцијата за основно образование, со која беше укинат предметот Историја како одделен предмет, всушност, го сведува изучувањето на историјата на ниво на поимско и фактографско учење. Со тоа, велат, историјата е ставена на маргините, со намера, евидентно, да ѝ се посветува само една тема годишно.
-Тоа е недозволива деградација на историјата и како наука и како наставен предмет, што ќе резултира со градење на идни генерации ученици кои ќе немаат основни познавања од историјата, но што е уште поважно, генерации кај кои нема да се поттикнува интересот за минатото и односот кон него. Особено што изучувањето на историјата во основното образование, по дефиниција има за цел да гради свест за припадност. Врв на целиот процес е посочениот учебник и неговите суштински недостатоци. Последица на Концепцијата е и погрешниот географски контекст содржан во учебникот (стр. 93), што се должи и на укинувањето на предметот Географија. Притоа, би сакале да нагласиме дека нашите забелешки се научно фундирани и лесно проверливи. Со оглед на тоа што учебникот изобилува со неверодостојни информации, полувистини и небулози, сметаме дека тој не смее да биде дел од македонскиот воспитно-образовен систем, имајќи предвид дека Министерството за образование и наука има законска должност да обезбеди квалитетен процес на воспитание и образование на учениците, нагласуваат од Здружението.
Најавуваат дека во најскоро време до Министерството за образование и наука ќе достават детална критичка анализа на учебникот, врз основа на која ќе побара тој да биде повлечен од употреба, а целата Концепција за основно образование да се преиспита и за неа одново да се поведе реална јавна дебата, имајќи ги предвид крајно негативните последици, како и подготовката на претстојните учебници. Сметаме дека е тоа крајно неопходно, бидејќи е неприфатливо да ја доведуваме во прашање иднината на нашите деца, а со тоа и на државата и на нацијата.