Со оваа констатација учениците погрешно ќе го разберат карактерот на пишаните извори, сметајќи дека тие не треба да бидат доведувани во прашање. Од аспект на историската наука, и пишаните извори се подложни на критичка анализа, појаснуваат во реакцијата од Здружението на историчари на Република Македонија.
Покрај наведените, како што нагласуваат, кардинални и издвоени забелешки, мора да се истакне дека учебникот се одликува со неквалитетна нагледност.
- Има многу илустрации, кои се со исклучително лош квалитет, вклучувајќи ги и картите, а на места тие се и несоодветни за периодот на кој треба да се однесуваат. Тоа го наметнува и прашањето за самиот извор на користените илустрации, што го повлекува и прашањето околу aвторските права (copyright). Содржините во учебникот воопшто не им нудат на учениците сознанија од историјата врз основа на кои тие ќе бидат во можност да го согледаат историскиот контекст. Така, Македонија како историски термин воопшто не се користи. Единствено се користи името „Република Северна Македонија“, и тоа во врска со мапата на која учениците треба да ги нотираат археолошките наоѓалишта. На овој начин учениците нема да бидат во можност да ги стекнат основните знаења за историскиот контекст и за значењето на посочените археолошки наоѓалишта, иако авторките самите констатираат дека „археолошките наоѓалишта се сведоци за историското минато на населението кое живеело на одредено подрачје“. Притоа, една од задачите за учениците е да изработат брошура на која ќе ги „прикажат сите карактеристики на некое археолошко наоѓалиште од нашата земја“ и тоа врз основа на истражување на „интернет или од други извори“, а како извори во учебникот се посочени „bitola.info“ и „https://macedoniafromabove.mk“, се вели во реакцијата на Здружението.
Според Здружението на историчари на Република Македонија, придавката македонски е употребена само на четири места, и тоа за користењето на Јулијанскиот календар од страна на „македонската православна црква“ (стр. 124, 126 – иако официјалното име е Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија); потоа за апстрактната задача која им се дава на учениците да дознаат „кои се архаичните македонски имиња на месеците и зошто така се викаат“ (стр. 126), како и за Марко Цепенков, „собирачот на македонски приказни“ (стр. 129). Toa, велат од Здружението, доволно ја илустрира концепциската поставеност на учебникот.
Од здружението сметаат дека текстовите воопшто не одговараат на клучните методолошки прашања на кои треба да одговори еден наратив, а тоа се: кој, кога, како, што и зошто. Во учебникот ретко се поставува прашањето „како“, а прашањето „зошто“ воопшто не се ни обработува. Современото образование бара развој на критичкото размислување, кое воопшто не може да се поттикне од вака составените текстови. Притоа, од Здружението истакнуваат дека во учебникот не се става акцент на информациите и на нивната точност, туку на современите идеолошки определби, кои кога се истакнуваат на штета на историскиот наратив, се неприфатливи.