Околу 200 автобуси и 300 возачи и сопственици на автобуси од приватните превозници на „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“ во моментов протестираат со блокадата на десната страна од булеварот „Илинден“, поради неисплатениот долг од страна на ЈСП „Скопје“, изјави за МИА, претставникот на превозниците, Кемал Муриќ.
На прашање до кога ќе трае блокадата, тој информираше дека тоа ќе биде до крајот на работното време.
– Бидејќи побаравме повторно официјално прием кај градончалничката, претпоставуваме дека тоа ќе биде до крајот на работното време, рече тој.
Доколку оваа блокада нема исход, директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски на вчерашната прес-конференција најави дека в понеделник почнувајќи од 6 часот главниот град ќе биде целосно блокиран, односно приватните превозници ќе ги блокираат крстосниците кај ТЦ „Мавровка“ и кај Црвениот крст и на булеварот „Илинден“.
Од Град Скопје вчера соопштија дека го прекинуваат договорот со приватните превозници од „Слобода превоз“ поради неисполнување на обврски што произлегуваат од договорот. Од Градот апелираа до превозниците да ја ревидираат одлуката за блокада на Скопје, бидејќи, како што велат, со тоа нема да постигнат решение за проблемот.
Исто така, од Градот најавија дека од следна недела ќе биде објавен јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите приватни превозници, со цел поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми.
Првата блокада на приватните превозници се одржа на 28 ноември на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, кога околу 30 автобуси на „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“ беа паркирани на булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, со барање „да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа“.
МИА