ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/14/22 7:00 PM

„Кој млад човек сака да работи тешка работа, која нема перспектива“, вели чичко Али, последниот јорганџија во Старата скопска чаршија

Старата чаршија во Скопје или срцето на градот, пулсира во ритамот на традицијата. Мирисот на турско кафе, бурек, ќебапчиња е мирисот кој потсетува токму на овој дел од градот. Ориенталната убавица сместена на едниот брег од Вардар изобилува со уникaтности, како што се занаетите.

Често посетено место од странците кои секогаш со воодушевување заминуваат од таму, со по некој сувенир изработен од рацете на занаетчиите. Се знае за часовничарот, шапкарот, кожарот, кројачот, берберот.

Јорганџиската улица една од најпознатите калдрми во стара чаршија, место каде во минатато била исполнета со занаетчии кои го изработувале овој занает, односно макотрпно изработувале јоргани. Единствениот кој останал сеуште да се занимава со овој занает е чичко Али. Со ведар дух, муабетџија, еснаф човек со голема љубов зборува за јорганџиството како занает, но и свесен дека по него нема кој да ја продолжи традицијата.

Чичко Али за ММС раскажа дека уште во многу млади години почнал. да оди во дуќанот на неговиот татко, кој и ден денес се наоѓа во Старата скопска чаршија, на позната Јорганџиска улица. По училишните часови, по неколку часа поминувал во друштво на неговиот татако и што се вели ги „крадел тајните“ на јорганџискиот знает.

„Уште од основно училиште тогаш завршував петто одделение, татко ми велеше мора да доаѓам по два часа во дуќанот, а потоа одам дома да ја завршам домашната задача“, раскажува чичко Али.

Наместо да шета по улиците, вели доаѓав да учам занает. Кога ќе ме прашаа „Али зошто не излегуваш надвор, јас им велев на шега: „Татко ми ми ја скрши едната нога, а потоа и другата и сега не можам да излезам“. Но тоа јас метафорички го кажував, кој знае ќе ме разбере“, вели чичко Али последниот јорганџија во Скопје.

Тој вели занаетот се учи од мал, но пред пред тоа се учи дисциплина, како да се однесуваш со муштериите, како да ги пречекаш, но како што вели, тоа го учел вонредно, а потоа се посветил целосно на изучување на занаетот.

„Прво си чирак, па калфа, па мајстор, во превод основно, средно, факултет. Се учи занаетот постепено, и како татко можеше да ги каже тајните, бидејќи си го учи свој син. Ако не знаеш можеш со поглед да ги украдеш. Никој друг мајстор не ти ги дава сите тајни, мора сам да ги украдеш со поглед, а потоа твојата логика треба да ја развиеш“, вели чичко Али.

Моделите како ќе изгледаат јорганите,  вели, сам ги создавал заедно со неговиот брат. Според него постојат различни модели на јоргани, може да се турски, грчки, американски. Неговите модели не ги патентирал, може тоа требало навреме да го направи, а сега вели ќе останат само историја.

„Има јоргани кои се шиат рачно, и се со срма. Да ми дадат 1.000 евра за два исти модели, нема да можам да ги направам. Немам два исти модели, сите се уникатни и везот и шиењето. Шиењето оди се околу везот, но тоа се шие на машина“, раскажува чичко Али.

Тој вели за се изработи квалитетен јорган треба многу љубов, внимание, техника, но пресуден е квалитетеот на материјалите.

„Има разлика во везењето. Порано имало машини, се бирала поквалитетна срма, кога ќе ја фати вода да не поцрне, тоа беше јапонска срма, но постои и кинеска. Едната е поскапа, другата поевтина. Се црта моделот со специјално мастило и остануваат точки на платното, и потоа на тоа се везе,  обично тоа е на женски машини. Денес има помодерни машини со картичка модели, но тоа везење со старото има огромна разлика. На постариот начин има полн вез, а со новите машини има три пати помалку вез или срма“, изјави чичко Али.

Кога се зборува за изборот на материјалите, секогаш одбира памук и волна бидејќи вели не треба да се бега од природното, па во контекст на тој раскажа една случка.

„Доаѓа една госпоѓа и вели дали имате природни перници, бидејќи имам главоболки. И велам земете една перница со волна и употребете ја најмалку четири ноќи и потоа дојдете и да ми кажете дали ви помина болката. И доаѓа петтиот ден и ми вели дај ми уште четири перници, навистина ми помина болката“, раскажува Али.

Рачно направените јоргани имаат  50 години нормална употреба, а цената на јорганите зависи од платното, полнежот, поставата и јачината на конецот. Рачно изработен јорган, вели Али го продава за 6.000 денари. За некои муштерии цената е многу скапа, но квалитетот кој го добиваат вели тој нема цена.

„Доаѓаат од Турција и мислат дека тука џабе се работи, и скапо им е, меѓутоа во Истанбул е далеку поскапо, барем овие јоргани кои што јас ги продавам“, вели Али.

Чичко Али вели дека побарувачката во однос на минатото е многу намалена, повеќе не се вреднува оваа работа. Дури и поретки се купувачите кои доаѓаат од странство да купат прирордни производи. Странци има понекогаш, но навистина е многу слаба побарувачката. Во однос на поводот, пак, за кој што се купуваат јорганите, пример за бовча или чеиз, не е како порано, не го ценат квалитетот, вели тој.

Изработката на јорганите е машинска и рачна, во зависност од желбата на купувачот, но вели рачната изработка е многу подобра бидејќи и конецот кој што се користи е за три до четири пати појак.

„Кога се крои платното за јорган не може да биде 2 на 2 туку треба да биде 15 до 20 сантиметри поголемо, бидејќи навлегува и во полнежот и во шиењето се собира. Конците се многу важани за квалитет на јорганот, и тие се специјални конци кои маат големина. За рачната изработа се користи конец со јачина 30ка и затоа трае“, вели чичко Али.

Во својот век на создавање јоргани кои може слободно да се сместат во каегоријата уметнички дела, има многу исксутва со купувачи кои го одбрале јорганот од дуќанот на чичко Али. Во неговиот работен век, нема изработено два исти јоргани, вели дека секој јорган е своја уникатна приказна.

„Дојде еден Швеѓанец кој ми побара единечен јорган, но сакам многу дебел да е. Замислете платната се уште од поранешна Југославија, многу квалитетни плата и од горе и доле, рачно сошиен, дебел, тежок, ако треба да е 3,5 до 4 килограми, тој беше две кила и повеќе и не направи никаков проблем за цената, веднаш си плати“, раскажува чичко Али.

Неговиот занает нема кој да го наследи. Тој има едно машко дете, а неговиот брат две машки, но немаат интерес да се занимаваат со изработка на природни јоргани, бидејќи, како што вели се интересираат за други насоки.

„Овој занает на долги патеки нема перспектива, но и е многу тежок занает. Кој млад човек сака да работи тешка работа, која нема перспектива?!“, рече чичко Али.

Најголемата димензија на јорган што ја има направено е 2 на 60 со 2 на 60.

текст и фото: Габриела Додевска

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1