ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/17/21 11:30 AM

„Со душа чекаме да излезат од инкубатор и да ги гушнеме“ : Со д-р Лилјана Којиќ за последиците и грижата на предвреме родените деца

Неверојатно витални мали тела од кои можеме да учиме лекции за издржливост, вака д-р Лилјана Којиќ ги доживува предвреме родените деца на кои е посветен денешниот ден.  Една девојка, која сега веќе е студент и Беким од Скопје, кој сега е четири години, а беше најмалото предвреме родено дете во земјава, се само дел од мноштвото пациенти за кои се грижела д-р Којиќ во своето досегашно искуство од над 30 години.

За ризик факторите, грижата за децата кои се раѓаат предвреме, за реакциите на родителите и за тоа како овие деца понатаму се развиваат, зборуваме по повод Светскиот ден на предвреме родените деца. Примариус д-р Којиќ, специјалист по педијатрија, за ММС раскажа зошто оваа професија која е тешка и стресна, истовремено е и благородна.

 

Кои се најчесто причините за предвременото породување, има ли ризик фактори?

-Прво, ризик е доколку има некаква хронична болест кај мајката. Било која хронична болест води до ризична бременост, а ризичната бременост може да доведе до предвремено раѓање. Тоа е нешто што стои како опасност, но од другата страна имаме здрава популација. Има еден доста изразен социолошки феномен и во пораст е на глобално ниво, не е само кај нас, а тоа е дека сѐ поголем е процентот на предвремено родени деца. Што би било најчеста причина? Веројатно тоа е стресниот живот, тоа е една од причините – стрес психички, како и физички напор или инфекција, биолошки стрес. Тоа е нешто што најчесто доведува до предврмеено завршување на бременоста и предвремено раѓање.

Значи, имаме тренд на пораст на бројот на предвремено родени бебиња?

-Да, тој тренд е присутен една деценија па можеби и повеќе. Расте процентот на предвремено родени бебиња од година во година на светско ниво. Не можеме да кажеме во која гестациска недела најчесто се случуваат тие предвремени породувања, бидејќи секој случај е индивидуален. Секоја бременост што е поголема од 22 недели ја сметаме за предвремено раѓање, при што не е сеедно дали е некој 24 или 25 недела роден или е роден во 35 недела.

Што е карактеристично за овие бебиња, кои се можните компликации кај нив?

-Самите прематурци и хронолошки и по тежина се делат на неколку подгрупи. Тие што се родени во 35 или 36-та недела, тоа се скоро донесени деца. Тие имаат помалку проблеми иако и тие знаат да изненадат со развој на некоја инфекција. Меѓутоа, генерално се деца кои по своите особини личат на терминските деца, за разлика од децата кои се 27-ма или 28-ма недела кои се со посериозен подлабок прематуритет и кои имаат бројни проблеми. Самите прематурци не се хомогена група, тие се делат на повеќе подгрупи, како во однос на гестациската возраст, така и во однос на тежината и димензиите при раѓање.

Имаме прематурни деца, имаме прематурни деца во група која е помеѓу 1000 и 1500 грама и имаме деца кои се со многу ниска родилна тежина под 1000 грама. Има и екстремно ниска родилна тежина, бидејќи некои од децата тежат и под 700 грама. Исто така, има и други подгрупи. Децата кои се родени од 34-та до 37-ма недела се близу термински бебиња и се со многу подобри изгледи. Да, тие бараат повеќе внимание од терминските деца, но по многу особини се блиски до нив и ги сметаме за најлесно прематурни. Кај нив нема некои поголеми проблеми. Не очекуваме поголеми проблеми, но секогаш кај детето може да се развие некаква компликација, не е случајно родено пред време.

Потоа, тука е групата на бебиња кои се родени меѓу 32-та и 34-та гестациска недела, меѓу 28 и 32 недели, тоа се веќе сериозно незрели бебиња, а бебињата под 28-ма недела се навистина длабоко незрели и неспремни за живот надвор од стомакот на мајката, тоа е нивниот главен проблем.

Бременоста се дели во три триместри.  Кај овие деца кои се породени во 28-та недела, а тоа се практично 12 недели, недостига последниот триместар во којшто нема недостатоци во смисла на органогенезата туку недоволно зреење на органите и органските системи за лесно приспособување на живот во надворешна средина. Тие имаат срце кое анатомски ги има сите делови, но имаат циркулација која е екстремно незрела. Имаат црн дроб анатомски совршено нормален, но функционално незрел да ги преработи сите оние материи кои треба да ги преработи. Имаат и незрели бели дробови, што е проблем, но со развојот на неонатологијата низ годините научивме како да го премостиме некако. Имено, нивните бели дробови не произведуваат една материја којашто е неопходна за белодробието да се растегне и да прими воздух. Неретко на тие деца им е потребна и механичка поддршка за дишењето.

Најстрашно од сѐ е што мозочните функции им се незрели и имунолошкиот систем практично им е непостоечки. Тие се на мета на бактериите кои живеат во нашата средина, но на имунокомпетентните деца не им создаваат проблеми. На овие деца можат да им направат сериозни инфекции. Многу деликатни и нежни деца се тоа. Најчесто кај здрави жени и здрав плод кој нормално се развива дотогаш, причината за предвременото породување е некаков стрес, или физички или ментален или биолошко-хемиски.

Какви се реакциите на родителите кога нивното дете ќе се роди пред очекуваниот термин? Каква е тука улогата на докторите, дали се обидувате да ги смирите, ги уверувате ли дека сѐ ќе биде во ред со нивното малечко?

-Да, секогаш било правило лекарот да седне и да објасни што се случило, каков е тој организам и каков пат ги очекува родителите, што е тоа со кое ќе се соочуваме во следните денови и недели во животот на детето додека го водиме низ тој период во кој практично чекаме да дозреат неговите функции и да почне да живее надвор од интензивна нега. Тоа е многу трауматска ситуацијата за родителите. Сте очекувале нешто што треба да е ваш најрадосен настан, но се случува да си одите дома, бебето останува далеку, без бебе се враќате дома. Секој од родителите реагира на различен начин. Тоа зависи од менталниот склоп на родителот, меѓутоа има една генерална заедничка особина – после првичниот шок сите овие родители сообразуваат со ситуацијата и неверојатно се обидуваат да се од полза.

Родителите заминуваат дома без бебе, но дали им е дозволено да доаѓаат во болницата, да го држат бебето имајќи да имаат контакт кожа на кожа, како што е пракса во други држави?

-Неверојатно е важно тоа, иако звучи како нешто неважно. Во периодот додека бев на ГАК, а тоа беа седум месеци, имав прилика да видам како тоа изгледа и какви се бенефитите. Зборуваме за времето пред пандемијата, можам да кажам дека сѐ уште не сме го имплементирале соодветно тоа до крај. Мислам дека ќе се прават некакви напори тоа да се воведе бидејќи е навистина важно. На ГАК грото од децата се со таа патологија и тоа е многу важно како првичен контакт меѓу родителот и детето.

На Детска клиника сме правеле обиди кога веќе е подобро детето, родителот да доаѓа од сабајле до вечер и тие процедури околу нега и хигиена да ги прави под надзор на сестра. Овие родители се соочуваат и со една друга препрека. Кога ќе дојдат не знаат како да го држат детето, многу е мало. Кога ќе дојдат дома немаат облека за детето, нема толку мали алишта, не знаат како да го држат бидејќи е помало од другите деца. Овие деца во момент на испишување од болница се килограм и 800 грама. Дел од овие деца немаат рефлекс за голтање и немаат координација со рефлексот за цицање. Ние имаме позитивни резултати тука.

Што кога децата ќе излезат од болница? На што да внимаваат и дали се потребни повеќе контроли?

-Апсолутно, да. За разлика од терминските деца кои треба да се донесат на контрола во првата недела, па на крајот од првиот месец, кај овие деца добро е педијатрите да ги гледаат почесто и да не дојдат во контакт со инфицирано дете. Педијатарот треба да види како родителите се прилагодуваат на детето, да види дали напредува во тежина.

Дали предвременото породување има влијание врз лактацијата на мајката?

-Всушност мајката може да воспостави лактација, но проблем е одржувањето. Ми се чини, немам научен податок за да го поткрепам ова, но мислам дека овие мајки во поголем процент се трудат да ја одржат лактацијата, отколку мајките на терминските деца. Некои не успеваат, но има такви кои многу се упорни и покрај тоа што бебето не е покрај нив и не е во состојба да цица туку тоа измолзено млеко му се дава преку сонда.

Какво е чувството да ги видите децата пораснати?

-Тоа е една голема награда, оваа струка е поврзана со голем број стресови и е тешка. Многу е убава и динамична, но е тешка. Еден од моите први пациенти е девојка која студира надвор на престижен универзитет, со сосема уреден развој. Имаше сериозни проблеми со белите дробови, меѓутоа тоа се надмина без никакви проблеми. Сега е многу убава и паметна девојка, тоа е награда за мене.

Еден од последните пациенти е најмалото бебе родено во Македонија и сега е речиси 4 години,  тоа е Беким.

Со оглед на тоа дека овие деца се познати како мали борци, какви лекции учите од нив?

-Тоа е нешто неверојатно. Тоа се витални мали тела, секогаш одново и одново ме фасцинираат. Тоа се така едни нежни мали суштества. Некогаш сме правеле фотографии, ќе го споредиме со некој предмет од секојдневието, пенкало или нешто друго. Тоа е дете како дланка и тоа дете успева да се избори. Неверојатно се витални и тоа е нешто што на сите ни било многу симпатично и едвај сиот персонал сме го чекале моментот кога ќе можеме да го извадиме од инкубатор, да го облечеме, да го земеме во раце бебето. Тоа се минијатурни суштества и неверојатна сила се крие во тоа мало тело. Тие се миленици на сиот персонал, секој нешто носи од дома. Му плетат чорапчиња да се топли во инкубатор, па го галат, со неверојатна грижа се и сестрите.

Кога овие деца фаќаат чекор со терминските деца?

-Ако прематуритетот е поголем ќе им дадеме повеќе од една година, дури јас би рекла и во целата втора година, кај екстремно малите деца. Потоа тие се развиваат сосема нормално, ако нема некакви перинатални оштетувања. Родителот мора да расчисти дека има дете кое е поделикатно од другите. Нема да биде бескрајно така, но во прво време нема да може да прави тоа што прават и другите деца. Не треба да се обесхрабрува, напротив само треба да знае дека и неговото дете ќе ги прави истите тие работи, но тоа доаѓа подоцна. Не треба детето да се споредува со другите деца, за да не се фрустрираат. Сѐ ќе дојде, нема да изостане, но ќе треба да му се даде време на тоа детенце.

Кои се препораките за родителите на децата кои се раѓаат во овој период на годината независно дали се родени предвреме или не, особено ако знаеме дека покрај коронавирусот сега имаме и други вируси?

-Овие луѓе кои имаат предвремено родени деца се тие кои знаат како се држи социјална дистанца и пред пандемијата. Треба да го ограничат бројот на посети во нивниот дом. Додека не го достигнат хронолошки својот темрин мора да внимаваат многу. Овие деца сакаат мир, важно е да јадат и да спијат колку што можат повеќе. Тоа тело е малку поразлично структурирано и има поинаков сензибилитет.

Исто така, бебињата до три месеци независно дали се предвреме родени или не, не треба да имаат посети дома.  Особено не во ова време на пандемијата, но и надвор од пандемијата.  Тој период од 40 дена кој е како некое предание, како обичај, тоа не е „паднато од небо“, тоа не е суеверие, тоа се некои сознанија на нашите предци дека 40 дена и мајката и бебето се ранливи. Од овој аспект, знаеме дека тој период е малку подолг и е од два до три месеци. Во тој период бебето е многу нежно и треба да се редуцираат посетите, а ако има посета, тоа да бидат луѓе за кои сме сигурни дека се здрави. Она што за нас возрасните и за школските деца е обична настинка, од која само ќе ни тече нос, може кај новороденче да направи да заврши во болница. Може да предизвика сериозна инфекција на белите дробови. Кога се работи за предвреме родени деца ова уште повеќе е нагласено и тоа неретко им го сугерирам на родителите. Оние кои навистина ги сакаат нема да се налутат.

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1