ММС

Објавено на: 07/28/21 7:00 PM

Хармонијата и љубовта го прават домот убав, декорот е само дополнување – Виртуелна прошетка низ убавиот стан на Сандра Малетски во Софија

Сандра Малетски е скопјанка со софиска адреса. Од Скопје пред четири години се преселила во Софија каде живее со сопругот Станислав и ќеркичката Миа. Нивниот импресивно уреден стан од 105 метри квадратни никого не остава рамнодушен, а за тоа сведочат и бројните фотографии кои Сандра ги споделува со Инстаграм заедницата. Токму ентериерното уредување е тема на разговор со Сандра, која за ММС вели дека станот во кој живеат им е прв и целосното уредување го направиле со многу љубов и трпение.

-Најмногу инспирација црпев од блогови за домашно уредување на Инстаграм како и Пинтерест. Работевме со дизајнери за внатрешно уредување кои ни помогнаа да го реализираме се она што си го имавме замислено со сопругот. Со сопругот подеднакво учествувавме и двајцата во сите избори и решенија во текот на реновирањето и уредувањето.

Како го доживувате стилот во кој е уреден вашиот дом, како накратко би го опишале?

Стилот би го опишала како минималистички, модерен – прованс со елементи и на скандинавски стил. Преовладуваат неутрални тонови, кои секогаш ги освежувам со различни декорации, декоративни перници, свеќи и сл.

Кое Ви е омилено катче од домот, дали е можеби тоа детската соба на ќеркичката каде си играте со неа и споделувате заеднички моменти? Всушност, дали имате некое место каде уживате да прочитате добра книга, да се опуштите и слично?

Како омилен простор во домот морам да кажам дека сѐ уште ми е кујната. Тоа ми беше кујна од соништата и излезе баш онака како што сум си ја замислувала од секогаш. Тоа што е бела ми дозволува постојано нешто да менувам. Последно ги заменив црните рачки со златни и добив сосема нов изглед на целата кујна. Собата на Миа е место за бескрајна имагинација и декорирање. Розевата боја и’ е омилена, затоа и собата е во нежно розови тонови. Обожувам да читам книги, фотелјата во дневната соба ми е омилено „ќоше” за читање заедно со шоља кафе.

Сакате ли да воведувате некои промени во домот, некое освежување со нови украси, пернички и други некои детали? Од каде ги набавувате?

-Да, многу! Сменивме рачки на кујнските вратички, сезонски ги менувам декоративните перници, љубител сум на свеќи и свеќници кои одлично го надополнуваат просторот, различни декоративни предмети, од скоро го сменивме и килимот во дневната соба. Тоа што цел стан е во неутрални тонови ми дозволува постојано да менувам нешто. Набавувам од различни места, многу и од онлајн продавници.

Сметате ли дека на бугарскиот пазар може да се најдат повеќе работи за ентериерно уредување отколку на македонскиот?

-Да, има многу повеќе избор на продавници каде што секогаш има нешто убаво да се купи за дома. Има и многу онлајн продавници за внатрешно уредување, декорации и слично.

На Вашиот профил може да се забележат фотографии од низа семејни патувања. Каде најчесто патувате со сопругот и ќерката, дали можеби сакате од таму да донесувате некои сувенири или слични работи за дома, за да ве потсетуваат на тие убави моменти?

-Патуваме често во Израел, од таму е сопругот, така што тоа е земјата којашто ја посетуваме секое лето. Последнава година живеевме на Филипини, тоа беше едно преубаво искуство и пресреќна сум што имавме можност да ги видиме едни од најубавите острови во светот. Секогаш купувам некој сувенир, особено ако е нешто автентично за таа земја или пак рачно изработено. Еве на пример од Филипини си донесов декоративни мали чинии рачно изработени од внатрешноста на школката.

За разлика од порано, денес преку социјалните мрежи може лесно да видиме како се уредени другите домови. Дали преку Инстаграм Ве контактираат луѓе за совети и мислења во уредувањето, контактирате ли со други луѓе кои внесуваат естетика во својот дом?

-Да секако, преку Инстаграм имав можност да запознаам прекрасни луѓе со кои комуницираме и ден денес. Исто така имав можност да откријам толку многу преубави светски, а наши македонски профили за внатрешно уредување на кои секојдневно им се воодушевувам. Често добивам прашања во врска со некоја декорација, кујната или некои нешта од собата на Миа. Многу ми е мило кога ќе ми пишат дека им се допаѓа мојот дом, тоа ми е мотивација и инспирација за уште поубави декорации и фотографии.

За крај една порака од Вас – што е тоа што го прави всушност домот топло и пријатно место за живеење? Дали сепак топлината на домот зависи од луѓето и слогата меѓу нив?

-Меѓусебната хармонија, љубовта и слогата е она што го прават домот пријатно место за живеење. Ние сме тие кои што му даваме на домот живот, топлина и убавина, а декорот е само дополнување.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1