Image default
ММС-Стории

За повеќе од 20.000 луѓе од третото доба во источниот регион има само еден старски дом со 15 места

ММС, 23.07.2018

Зегин

Единствениот дом за згрижување стари лица во Берово во моментот се проширува, па за половина година, освен сегашните 15, ќе може да прими уште 14 корисници, планираните поголеми регионални домови во Штип и во Кочани засега се далеку од реализација, а интересот за сместување е голем, покрај другото и поради тоа што децата на многу луѓе од третото доба се заминати во странство, па тие остануваат сами и незгрижени

Зегин

Пишува: Љупчо Шатевски

Иако 15 отсто од населението во него е постаро од 60 години, што е повеќе од 25.000 луѓе, во источниот (брегалничкиот) регион работи само еден мал старски дом – Домот за згрижување стари лица „Иван Влашки“ во Берово. Отворање домови за стари лица имаат планирано и најголмите две општини во регионот – Штип и Кочани, но за тоа ќе се почека најмалку уште неколку години. А интересот за вакви објекти е голем, особено во последните години зашто децата на многу луѓе од третото доба се заминати во странство, па родителите остануваат сами.
– Домот во моментот е со капацитет за 15 луѓе во седум двокреветни и една еднокреветна соба. Во близина нема други вакви домови, па интересот е голем. Ќе можеме да примиме уште 14 корисници по проширувањето на домот што е во тек. Адаптирањето и уредувањето на просторот, за што се инвестирани 2,3 милиони денари од локалната самоуправа, треба да заврши до крајот на годинава – вели Марија Умленска, в.д.директорка на беровскиот дом, првиот во брегалничкиот регион.

Домот за стари лица во Берово

Во Берово луѓе од целиот регион, но и од Скопје и Гевгелија

Тој беше отворен во декември 2015 година во кругот на некогашното градежно претпријатие „Пелагонија“ во Берово на влезот на градот. Објектот беше адаптиран со финансиска поддршка од 140.000 евра од холандската невладина организација „Холандија – Македонија“, а во опремувањето учествуваа беровската локална самоуправа и Министерството за труд и социјална политика. Платите на седумте вработени се обезбедуваат од општинскиот буџет. Секоја од собите е опремена и со мала кујна, телевизор, има заедничка трпезарија и занимална во која корисниците играат шах, карти, не лути се човече. Храната – три оброци и две ужини дневно, се обезбедува од ресторан. Цената сега е 15.000 денари месечно, а 18.000 за корисниците со потреби од посебна помош за бањање, движење, терапија. Од септември ќе биде 18.000, односно 20.000 денари.
– Берово е убаво место, со чист планински воздух, шума, убави места за прошетки, идеално за луѓе на наша вораст – истакнуваат луѓето сместени во беровскиот дом.

Ручек во трпезаријата во беровскиот дом

 

Освен беровци, ги има од речиси сите општини во брегалничкиот регион, еден е дури од Скопје, а еден и од Гевгелија. Меѓу нив има поранешни директори, земјоделци, рудари, службенички, домаќинки… Во домот сите се рамноправни, делат заедничка трпеза, живеат како едно големо семејство. Повеќето останале без брачни другари, а децата им се распрснале во други градови или најчесто во странство. Секој си има своја животна приказна.
Највозрасен во Домот сега е 91-годишниот Бранислав Радосављевиќ од Гевгелија.
– Во Македонија сум од 1949 година, а потекнувам од околината на Ниш, Србија. Бев воено лице, капетан, потоа работев во полиција и во царината. Берово одамна ми се допаѓаше, па не се двоумев да конкурирам за сместување овде – вели Радосављевиќ.

Бранислав Радосављевиќ (91), највозрасниот жител на Домот

Меѓу станарите на Домот е и поранешниот директор на беровска „Пелагонија“, Стојан Рендевски (78). Некогаш овде му била директорската канцеларија, а сега во истиот објект во соба со еден цимер ги живее пензионерските денови. Меѓу првите корисници на услугите на Домот е и Елена Џингарска од беровско Русиново, која, откако децата и‘ се распрскале низ светот, таа побарала друштво и грижа овде. Во Домот се и Маца Јанева од делчевско Вирче, која работела во делчевската локална самоуправа, Симо Арсов од виничко Драгобраште, кочанката Натка Иванова, пензионер од фабриката за целулоза и хартија, Даница Бубевска, беровка која до пензија живеела и работела во Кочани…

Штипскиот и кочанскиот дом уште во неизвесност

Штип и Кочани од поодамна планираат отворање регионални старски домови со поголем капацитет. Кочани има направено проект за дом со стотина легла, но уште се бара инвеститор. Сега се надеваат дека, по откажувањето на изградбата на карго-аеродромот кај Штип и Свети Николе, можен извор може да бидат и средствата од ТАВ наменети за проекти од јавен интерес.
Во Штип сосотојбата е малку понадежна, зашто домот е веќе изграден до карабина, но поради проблеми со уверенијата за градба и судски спор, работите веќе две години мируваат. Домот почна да се гради уште во септември 2014 година на местото на некогашниот воен ресторан „Вардар“, веднаш до касарната „Јане Сандански“, кој своевремено Владата и’ го отстапи на штипската локална самоурава, а таа, пак, му го даде на трајно користење на Зружението на пензионерите од Штип и го ослободи од комуналните давачки за изградба на објектот. Здружението на пензионерите, пак, кое беше инвеститор на амбициозниот проект, за изградбата до карабина ги потроши сопствените средства во висина од околу половина милион евра.
– Имавме забрана од градежниот инспектор и ни’ беше даден рок да го решиме проблемот со дозволите. Очекуваме во септември целиот проблем и судскиот спор да се решат и да почнеме со дореализацијата на проектот. Имаме поддршка од градоначалникот, а ќе се обратиме и до Владата, ќе побараме помош и од странски донатори – истакнува Коста Штериев, потпретседател на Здружението на пензионерите од Штип.

Изграден до карабина, но со уште неизвесна иднина: Старскиот дом во Штип

Домот е планиран за сместување на 120 луѓе во еднокреветни и двокреветни соби, како и во четири апартмани. Во објектот на 3.000 квадратни метри е планирано да ги има сите предвидени содржини потребни за згрижување и престој на заинтересираните граѓани од третото доба. Во Штип, само со членска книшка од Здружението на пензионерите, има 9.000 стари луѓе.

ГОЛЕМ ИНТЕРЕС ЗА СМЕСТУВАЊЕ

Иако дозавршувањето на домот за згрижување стари лица во Штип се` уште е многу неизвесно, од Здружението на пензионери велат дека уште од почетокот на неговата изградба имало голем интерес за место во него. Слично се очекува да биде и во Кочани ако почне изградбата на домот. Токму Кочани, со соседните Виница, Македонска Каменица, Делчево беа најпогодени од иселеничкиот бран на младите во последните деценија-две. Упатените велат дека интересот на луѓето од третото доба за сместување во вакви објекти се зголемува и оти во последните години се надминуваат и стереотипите кај многумина сместувањето во старски дом од страна на семејството да се смета и како навреда.
– На листата на чекање за сместување во Домот во Берово имаме 50 луѓе и таа постојано се зголемува. По проширувањето што очекуваме да заврши до крајот на годинава, освен сегашните 15, ќе може да примиме уште 14 корисници – вели Марија Умленска.

Поврзани вести

Дрвокрадците ја масакрираа Шар Планина до непрепознатливост

Меѓу експонатите во вчера отворената спомен-соба на Киро Глигоров во Штип и неговото биро и клавирот на Нада Глигорова

Љупчо Шатевски

Херојот на Плачковица и несуден делегат на АСНОМ за 25 дена не го дочека Илинден 1944

Љупчо Шатевски