Министерството за внатрешни работи ноќеска проверуваше авион на скопскиот аеродром, откако на на телефонскиот број 112 беше добиена пријава за поставена бомба во авион.
Пријавата за поставена бомба се однесуваше на авион кој од “Меѓународниот аеродром Скопје” требаше да полета кон Турција.
„Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни активности и извршени се потребните проверки од страна на антитерористичката единица при МВР и утврдено е дека пријавата е лажна односно дека нема никаква експлозивна направа“, соопшти МВР.
Сепак, проверките го запреа авионскиот сообраќај. Околу 06 часот аеродромот продолжи со редовно работење.