Проектот „Македонијо, во срце те носиме” продолжува да го буди патриотскиот дух и љубовта кон нашата земја со нова песна која допира до срцата на сите Македонци. Овој пат, тоа е „Мајко силна” авторската композиција на Александар Тарабунов – композиција која, како што открива Тара, тлеела одамна, но сега конечно е реализирана во рамките на овој значаен проект.
Музиката и текстот се со негов потпис, додека во аранжманот свој удел има и маестро Николче Мицевски. Ова дело, кое долго време зреело во творештвото на Тара, го оживува бесценетото чувство за припадност и гордост што ја карактеризира македонската душа. Песната ја истакнува вечната врска меѓу човекот и неговата земја, испреплетувајќи традиција и современ звук. Воедно во духот на патриотската мисија на проектот, го продолжува силното влијание на претходните изведби и ја одразува темелната љубов кон нашите корени и иднината што ја градиме заедно.
Проектот „Македонијо, во срце те носиме” работен под палката на Скендеровски продукција, има за цел да ѝ даде нови живописни бои на македонската традиција и да обои Македонија со најубавите звуци. Со голема почит кон корените и наследството, проектот досега го оживеа духот на неколку од највпечатливите македонски песни: „Не кажувај либе добра ноќ” (Огнен Здравковски), „Како пиреј” (Ламбе Алабаковски), „Се собрале комитите” (Миле Кузмановски), „Како што е таа чаша” (Спасен Силјаноски) „Ја излези стара мајко”(Марија Спасовска), „По друм одам мајче” (Мина Блажев), „Горда Македонка” (Зуица Лазова), „Запејте сите ангели” (Бојана Скендеровски) и „Нека живеј Македонија (Сузана Спасовска).
Под уметничка закрила на Скендеровски продукција, овој проект е повеќе од музика – тој е патриотска мисија, културен завет и мост меѓу генерациите. „Македонијо, во срце те носиме” го одразува гласот на народот, инспириран од мудроста на нашите предци и посветен на иднината на нашата држава.