Српскиот рапер Стефан Ѓуриќ Раста ноќеска по полноќ е уапсен во Охрид. Според извори на ММС, тој се уште е во полициска станица.
Како што дознава ММС од извори на истрагата, Раста вчера вечерта требало да настапи во Охрид, но полицијата го начекала зад бината во шаторот.
-Тој не само што е фатен во живо, туку пред него на масата исто така е најдено најлонче марихуана. Не е точно дека е уапсен пред хотел. Уште е во станица, се чека јавен обвинител да ја прифати пријавата и да се процесуира, велат извори од истрагата.
СВР Охрид потврди дека раперот е уапсен поради конзумирање марихуана.
-На 03.08.2025 година во 00,10 часот, на спортски стадион во Охрид, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид, од слобода го лишија С.Ѓ.(36) од Белград, Република Србија кај кого, при извршен преглед, полициските службеници, пронајдоа и одзедоа опојна дрога марихуана. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, инормираат од СВР Охрид.
Ова не е прв пат Раста да биде апсен за марихуана. Според српските медиуми во 2020 година Раста исто така е уапсен, бидејќи полицијата кај него нашла пет грама марихуана. Тогаш бил претресен и неговиот стан каде биле пронајдени уште опојни дроги. Поминал три мееци во притвор, по што му била одредена казна од осум месеци домашен притвор.