Иако над 38.000 домаќинства во Македонија живеат на работ на сиромаштија, новата Програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија на Министерството за енергетика опфаќа едвај 3.932 семејства – што претставува помалку од 0,7% од сите домаќинства во државата, предупредуваат од Инженерите на Република Македонија.
Програмата беше промовирана на 31 јули 2025 година, а за нејзината реализација се издвоени 47,3 милиони денари. Иако тие се обиделе да ја претстават како „значајна помош за најзагрозените граѓани“, анализата покажува дека поголемиот дел од лицата во реална енергетска сиромаштија остануваат без поддршка.
Од вкупно 598.632 домаќинства попишани во 2021 година, право на субвенционирана сметка за струја ќе добијат само:
313 домаќинства со деца со попреченост;
94 згрижувачки семејства;
192 домаќинства со лица со интелектуална попреченост;
1.583 домаќинства со лица со најтешка телесна попреченост;
750 домаќинства со лица со целосна слепост и
1.000 домаќинства со лица со целосна глувост.
Во исто време, 38.627 домаќинства во 2024 година користеле гарантирана минимална помош, а вкупно 72.337 лица биле корисници на некаква социјална заштита.
„Очигледно е дека ниту 10% од овие најранливи категории не се опфатени со програмата“, велат од здружението.
Програмата предвидува попуст од 1.000 денари месечно на сметката за струја во текот на една година. Тоа значи дека секое домаќинство ќе добие 12.000 денари годишно, што според анализата на Инженерите на Република Македонија не покрива ниту половина од просечната годишна сметка за електрична енергија.
Програмата исто така предвидува и административни олеснувања – забрана за исклучување во зима, побрза санација на дефекти и ослободување од трошоци за повторно приклучување, но тие мерки ќе важат само за избраните неколку илјади семејства.
Од здружението предупредуваат дека критериумите за добивање поддршка се премногу строги, а јавниот оглас објавен на веб-страницата на Министерството има рок од само 30 дена, што дополнително го ограничува пристапот за многу семејства.
„Иако владата тврди дека никој нема да остане без енергија ‘кога му е најпотребна’, реалноста е дека десетици илјади сиромашни семејства, стари лица, невработени и самохрани родители остануваат надвор од мрежата на енергетска заштита“, велат од Инженерите на Република Македонија.