Македонија бележи интензивирање на туристичкиот промет и зголемување на интересот на странските туристи од западноевропските земји, пред сè, од Франција, Германија и Велика Британија, соопшти Министерството за култура и туризам кое ги анализирало најновите податоци за движењето на странските туристи во државава за првите пет месеци од 2025 во однос на истиот период во 2024 година.
-Забележан е пораст од 23,6 отсто кај странските туристи и раст од 18,7 отсто кај остварените ноќевања. Во првите пет месеци од 2025 година, туристичкиот промет во Македонија бележи значително зголемување во однос на истиот период во 2024 година. Посебно се издвојува Германија со раст од 219 проценти во бројот на туристи и 146 проценти во ноќевања, што укажува на видно зголемен интерес на германските туристи за посета на нашата земја. Франција бележи највисок пораст со 398 проценти повеќе туристи и 303 проценти повеќе ноќевања, со што се позиционира како нова стратешка цел на туристичките политики. Велика Британија забележува значително зголемување од 204 отсто во бројот на туристи и 139 отсто во ноќевањата. Турција, која беше водечки пазар во 2024 година, продолжува со стабилен раст од 11 отсто во бројот на туристи и 21 отсто во ноќевањата, задржувајќи ја својата прва позиција според вкупниот број на туристи и ноќевања, информира Министерството.
Овие резултати, се подвлекува во соопштението, „ја потврдуваат позитивната динамика и зголемениот интерес за Македонија како атрактивна туристичка дестинација на европската мапа“
-Македонија бележи растечки интерес кај странските посетители за културен туризам во месеците надвор од традиционалната сезона, што значително придонесува за анулирање на сезонскиот туризам, зголемување на вкупните туристички приходи и засилување на локалната економија. Овој тренд е од исклучително значење затоа што создава континуирана туристичка активност низ целата година, ги ангажира локалните заедници, занаетчии, водичи и угостители, и овозможува рамномерен економски развој и надвор од туристичките центри, наведува Министерството за култура и туризам.
Министерството додава дека ќе ги искористи овие податоци „за прецизно насочување на промотивните активности, подготвување на програмата на секторот туризам, јакнење на авионските врски со новите пазари и активна поддршка на туристичките оператори“.