Најавен како концерт на летото синоќешниот настап на Јелена Розга одржан во спектакуларната и амбиентална атмосфера на Античкиот театар во Охрид во целост ги оправда очекувањата.
„Кога првпат го видов овој театар, знаев – еден ден морам овде да пеам. И еве, тој ден дојде”, изјави Розга пред настапот. А она што се случи вчера ги надмина очекувањата – публиката пееше заедно со неа од првата до последната песна, следејќи го секој тон на гудачкиот оркестар кој додаде дополнителна доза елеганција и емоција.

Продукциски беспрекорен, концертот покажа зошто настапите на Јелена се познати по харизмата, непосредноста и посебната поврзаност со публиката. Охрид годинава беше местото на средба помеѓу уметноста и емоцијата, благодарение на организацијата на Евентум продукција, која стоеше зад целиот настан.

За сите оние кои имаа среќа да присуствуваат – 29 јули ќе остане запаметен како ноќ која нема да се заборави. А за оние кои не стигнаа – концертот на Јелена Розга во Охрид веќе се прераскажува како музички настан на летото!