Најсмртоносните екстремни временски настани не се она што се мисли, бидејќи, барем во САД, екстремните жештини секоја година убиваат повеќе луѓе отколку било кој друг тип на несреќа, вклучувајќи ги поплавите, ураганите и торнадата, пишува американскиот портал за вести Ен-Би-Си.
Жештината е наречена и „тивок убиец“ бидејќи нејзиното влијание врз човечкото тело не е секогаш очигледно. Симптомите на нарушувања поврзани со прекумерна топлина, кога телесните органи ја губат способноста да ја регулираат температурата и стануваат опасно преоптоварени, честопати остануваат незабележани додека не биде предоцна.
Студија објавена во август 2024 година во списанието JAMA (Journal of the American Medical Association) откри дека од 1999 до 2023 година во САД имало 21.518 смртни случаи поврзани со жештината. Истражувањето ги следело овие смртни случаи секоја година и утврдило дека стапките на смртност поврзани со жештината се зголемиле во последните две децении, а особено во последните седум години.
Екстремните жештини веќе земаа смртоносен данок во САД и ова лето, а некои од најтоплите недели допрва претстојат, нагласува медиумот.
Додека опасно високите температури се шират на југ, средниот запад и североисток на САД, и повеќе од 130 милиони луѓе се под предупредување за жештина, само во округот Кларк на југот на Невада, канцеларијата на судскиот лекар минатата недела објави дека оваа година имала 29 смртни случаи поврзани со жештината – повеќе отколку во истиот период во 2024 година.
Округот Кларк го вклучува градот Лас Вегас, еден од градовите во САД кои најбрзо се загреваат, според студија објавена оваа година од непрофитната организација Climate Central.
Тој округ го забележа првиот смртен случај поврзан со жештината оваа година уште на 9 мај, неколку недели порано отколку во 2024 година. Изминатата година беше особено смртоносна за јужна Невада, со 527 смртни случаи поврзани со жештината во округот Кларк.
Летото 2024 година беше најтоплото во јужна Невада во нејзината историја, според Метеоролошката служба на САД. Лас Вегас во јули минатата година забележа нова рекордно висока температура од 49 степени Целзиусови и издржа повеќе од 100 дена со слични температури.
Во близина, во округот Марикопа во Аризона, заклучно со 19 јули се забележани 15 смртни случаи поврзани со жештината, што е за 23 повеќе отколку во истото време во 2024 година. Покрај тоа, 299 случаи оваа година сè уште се под истрага за причина за смртта.
Одделот за јавно здравје на округот Марикопа во мај соопшти дека минатата година во округот Марикопа, од 18 јуни до 31 јули, секој ден имало најмалку еден смртен случај поврзан со жештината.
Годината 2024 беше најтоплата година во историјата на тој округ, а властите потврдија 602 смртни случаи поврзани со жештината, што е блиску до рекордните 645 смртни случаи поврзани со жештината во 2023 година.
Локалните власти презедоа мерки за луѓето да бидат побезбедни во текот на летото, вклучувајќи садење и премачкување на тротоарите со маса што го одбива сонцето.
– За многу луѓе жештината е непријатност, но за други тоа е прашање на живот и смрт, изјави Ариел Шоинар, научничка во Институтот за истражување на пустината во Лас Вегас и шефица на Лабораторијата на Невада за топлина.
Некои се изложени на поголем ризик, како што се постарите лица, хронично болните и малите деца, рече таа.
Изложеноста на екстремна жештина несразмерно повеќе ги погодува заедниците со пониски приходи, рече Шоинар. Како луѓето ја доживуваат жештината зависи од тоа дали имаат постојано сместување, дали зависат од јавен превоз или дали можат да си дозволат климатизација.
Овогодишниот број на смртни случаи од жештина се смета за прелиминарен, но и тие податоци се „задоцнет показател“, рече Шоинар, бидејќи жештината ја надминува статистиката и можноста да се преземе нешто.