Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека вчера попладне под Царев Врв на Осоговските Планини е спречен обид за подметнување пожар.
-На 2000 метри надморска височина, во месноста наречена Алтн врв, место на кое безмалку и да нема движење на луѓе, шумочуварите на Национални Шуми од подружница Осогово Крива Паланка, пронајдоа и отстранија повеќе од триесетина на куп нафрлани автомобилски гуми, картон за потпалување, внатрешни гуми како и суви борови стебла и гранки подготвени за палење и предизвикување пожар на отворен простор. Доколку не беше спречен набргу потоа би се проширил во блиската шума. Голема благодарност до Шумочуварската служба на Национални шуми, информираат од ДЗС и додаваат:

-Апелираме до сите граѓани, доколку забележат сомнително однесување кое укажува на намера за предизвикање пожар надвор од населено место како што се гуми, даски, дрвени палети, пластични шишиња или туби со течност која наликува на бензин, итно да се јават на бројот 112 или да пријават во најблиската полициска станица или на било кој припадник на полицијата или друга безбедносна служба, вели раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на ДЗС, Стојанче Ангелов.