По речиси четири години на чело на Општина Радовиш, градоначалникот Ацо Ристов влегува во завршната фаза од својот мандат со мешани впечатоци во јавноста. Со амбициозна програма од 10 капитални ветувања, која опфаќаше изградба на нов културно-деловен центар, нов градски пазар, решавање на водоснабдувањето, градски рекреативен центар со парк, асфалтирање на двете страни од кејот на Радовишка Река, уредување на речното корито, изградба на детски градинки и повеќенаменско игралиште, проект „Радовиш енергетски независен и зелен град“, бесплатен оброк за секој ученик од I до IV одделение, проект „Развиена индустрија – развиен град“ и развој на индустриската зона, Ристов вети темелна трансформација на општината.
Сепак, сега се поставува прашањето што навистина е реализирано, кои проекти останаа само на хартија и дали локалната власт успеа да донесе системски промени или доминираа ад-хок решенија?
Во својот тригодишен отчет, Ристов рече дека е особено горд со проектот „Зелена топлина“ кој има и за цел воведување ефикасни услуги за централно греење базирано на обновливи извори на енергија.
„Инсталиравме фотоволтаични централи, капитален проект за кој добивме грант. Пробиени и изградени се повеќе значајни улици, во тек е реконструкција и доградба на Центарот за култура „Ацо Караманов“, започната е изградбата на модерен градски пазар, во тек е и капиталниот проект за мултифункционален центар со музеј на град Радовиш, галерија, едукативни работилници за деца, зелена кровна тераса и други содржини. Со реконструираната спортска сала се врати сјајот на истата каде ќе се поттикнат уште многу спортски настани во Радовиш“, рече Ристов.
Од Општина Радовиш воедно додаваат и дека во текот на мандатот биле додадени нови активности кои не биле дел од првичната програма во зависност од моменталните приоритети на граѓаните, кои на нивни барања до Советот биле земени во предвид и вметнати во програмите.
Тие се изјаснија и за тоа кои проекти биле најважни во овој мандат.
„Ниту еден проект не може да се нарече најуспешен или помалку успешен, зошто Буџетот е така креиран, во предвид се земаат приоритетите на граѓаните и подобрувањето на целокупното општествено живеење“, велат од Општина Радовиш.
Опозицијата: Локалната власт сериозно потфрли
Според претседателот на општинската организација на СДСМ во Радовиш Ристо Спасов, во овие четири години локалната власт комплетно се оддалечила од граѓаните и реалните потреби не биле предвидени во Буџетот и програмата на Општина Радовиш.
„Најголема лага која ја ветија беше Паркот кај Канлиевата воденица кој требаше да внесе живот во Радовиш, тоа ќе беше еден капитален проект кој му недостасува на градот. Проблем е и градскиот пазар за кој прво не знаеме дали беше приоритет. Воедно, за него сите рокови се пробиени. Голема е разликата помеѓу последните два градоначалници, овој сега и претходниот кој беше од редовите на СДСМ. Големо потфрлање има и во радовишките села каде граѓаните се организираат сами да си ги чистат селата“, вели Спасов.
Тој додаде и дека во Советот соработката е непостоечка и дека локалната власт има цврсто мнозинство и не прифаќа никаков нивен предлог.
„Мора да направиме стратегија за Општина Радовиш, да не се менуваат приоритетите во зависност од тоа кој човек и од која партија го води градот. Треба заеднички да донесеме план за тоа како понатаму го гледаме Радовиш. Ако немаме јасен план, тешко ќе биде да опстанеме“, објаснува тој.
Според Спасов, во Радовиш недостасува градски базен кој може да го врати сјајот на градот и ќе биде место каде младите ќе го поминуваат своето време.
„Треба поголемо внимание да се обрне и на спортот. Треба да имаме долгорочен план во кој јасно ќе определиме на кој начин ќе можеме да произведуваме квалитетни спортисти. Потребна е и поголема помош од рудникот „Бучим“. Во другите градови каде има рудници, истиот е од значајна помош за таа околина и е нивен партнер. Следната општинска власт треба сериозно да работи на ова прашање и рудникот да биде ставен комплетно во функција на граѓаните. Станува збор за ресурси на градот кој максимално мора да бидат искористени за истиот да може да се развива“, додава Спасов.
Според Левица Радовиш, нивната програма била базирана на три клучни проекти и тоа неуспешни.
„За градскиот пазар предвидуваат од шест до девет месеци за изградба, но очигледно есапот дома и на пазар не излегува исто. Истиот сведочи за неуспехот и лажните ветувања и манипулации на актуелните власти. За Спортско-рекреативниот парк на кејот на радовишка река до Канлиевата воденица, ги поттикнувам граѓаните да го видат онлајн научно-фантастичниот 3Д проект кој го промовираа за време на кампањата, а потоа да се прошетаат по кејот па да видат дали е тоа реалниот свет како што тврди градоначалникот. Ветија и изградба на нов културно-деловен центар со подземен паркинг, канцеларии, деловни простории. Ова се само три приоритетни проекти кои патем не се завршени, а ветија дури 10 пред граѓаните“, велат од Левица.
Тие велат дека енормно е зголемувањето на цената на погребалните услуги, воведено е зонското паркирање кое функционира на штета на граѓаните, локалниот урбанизам е во тотален хаос, како и уште многу други нелогични одлуки кои удираат по стандардот на граѓаните.
„Сите области беа запоставени. Имаме недостиг на кадар и покриеност по специјалности во локалните здравствени и образовни установи, катастрофална инфраструктура, недостиг на урбано зеленило и паркови, недостиг на спортски објекти и без инвестиции во руралните средини“, додаваат тие.
Според независниот советник во Советот на Општина Радовиш Ратко Костов, предизборните ветувања биле дадени исклучиво за придобивање на довербата на граѓаните, без вистинска намера или капацитет за нивна реализација.
„Нема речиси ниту еден реализиран капитален проект што бил ветен. Ова е јасен сигнал за тотална неспособност или недостаток на волја за испорака на ветеното. Главната причина за овој неуспех лежи во недостатокот на квалитетен стручен кадар околу градоначалникот и веројатното влијание на партиските директиви кои ја ограничуваат неговата слобода во донесувањето одлуки“, смета Костов.
Тој смета дека бизнис климата во Радовиш е на поразително ниско ниво.
„Казината, обложувалниците и филијалите за брзи кредити станаа доминантни и најзастапени бизниси, директно гушејќи ги малите и средни претпријатија. Локалната власт не презеде ниту една значајна иницијатива за борба против овие негативни појави или за поддршка на вистинскиот бизнис сектор“, додава тој.
Доколку нивната политичка опција управувала со Општината во изминатите четири години, тој е на став дека пристапот ќе бил фундаментално различен.
„Повеќе би се фокусирале на реалните проблеми на граѓаните наместо на четири изгубени години без никаков прогрес. Партиските вработувања би биле сведени на нула. Ќе се грижевме активно за актуелните бизниси во градот, преку олеснување на нивното работење и преку активна политика за привлекување нови инвестиции“, дециден е Костов.
Додека локалната власт останува на ставот дека добро управувала со Општината, други остро критикуваат дека ветената трансформација на Радовиш останала недоисполнета и заглавена во незавршени и нереализирани проекти.
Судот за владеењето на Ацо Ристов и неговиот тим на крајот ќе го дадат токму радовишани на следните избори, кога ветувањата ќе мора да се соочат со реалноста. Радовиш сè уште е град со потенцијал, но дали истиот ќе биде реализиран, зависи од тоа кој, како и колку искрено ќе се бори за интересите на граѓаните.
Фото: Општина Радовиш