Со објавувањето на Конкурсот за упис на нови студенти од денес стартува и електронскиот систем преку кој заинтересираните средношколци можат да се пријават за упис на УГД.
Пријавувањето можат да го направат на следниов линк: https://www.ugd.edu.mk/upisi/prv-ciklus-studii/. Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип за академската 2025-2026 година има 2.168 слободни места за редовни студенти, за прв циклус на студирање. Проректорот на УГД, Мишко Џидров на денешната прес-конференција ги повика матурантите да се запишат во првиот уписен рок, кој ќе се одржи од 20 до 22 август, истакнувајќи дека има бројни можности за кофинансирање и ослободување од плаќање партиципации за голем дел од студентите.
Вториот уписен рок е закажан за 4 и 5 септември, додека третиот е на 17 и 18 септември. Сите детали за уписите и можностите за кофинансирање се објавени во конкурсот на Универзитетот.
-Нашите 12 факултети и три уметнички академии имаат околу 80 активни студиски програми на кои што верувам дека студентите ќе можат да се препознаат. Ги повикувам нашите идни студенти да ги погледнат трите рока за запишување. Првиот е на 20,21 и 22 август, вториот на 4 и 5 септември, додека третиот уписен рок 17 и 18 септември. Во првиот уписен рок ќе има многу поволности за нив. Како минатата година и оваа година имаме ослободување од плаќање партиципација на поголем дел студенти. Сите детални информации се објаснети во нашиот конкурс и може да ги погледнат и да се решат за да аплицираат, а јас би препорачал во прв уписен рок, изјави Џидров.
Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип продолжува со значајни напори за модернизација на своите студиски програми. Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски на денешната прес-конференција рече дека новите промени ќе донесат европски квалитет во образованието што ќе го добијат студентите.
-Официјално го објавуваме Конкурсот за новата учебна година. Универзитетот направи напори да ги модернизира програмите. Голем дел од програмите поминаа низ нови реакредитации или нови акредитации, но посебно напорот да се споиме во универзитетските Алијанси отвори една целосна нова перспектива за сегашните, но и за идните студенти. Сигурен сум дека ќе имаат можност тука да добијат европско образование, односно образование со европски квалитет. Oд оваа година Универзитетот нуди едно повисоко квалитативно ниво образование, кое што ќе им биде од корист, вели Мираковски.
Тој посочи дека имаат интерес за студирање и од странските студенти, а имаат и студиски програми на англиски јазик на Медицинскиот факултет, Економскиот, Правниот, како и на Факултетот за информатика. Мираковски посочи дека Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип продолжува да инвестира во иднината на своите студенти, нудејќи им не само квалитетно образование, туку и можност за меѓународна мобилност и напредок во европски рамки. Првиот уписен рок е можност што студентите не би требало да ја пропуштат, со оглед на новите академски можности што ги нуди овој универзитет.
МИА