Со поддршка на мнозинството граѓани, Звонко Пекевски во 2021 година го доби својот втор мандат како градоначалник на општина Берово. Неговата програма се засноваше на пет клучни проекти, кои имаат за цел да донесат значајни придобивки за жителите на општината, како и да го зајакнат локалниот капацитет за привлекување инвестиции и подобрување на квалитетот на живот.
Пекевски вети рехабилитација на водоводен систем со филтер-станица, промена на ДУП и ГУП со овозможување на зона за мало стопанство со поволни можности за нови инвеститори, реконструкција и доградба на кино-салата и пренамена во младински културен центар.
Ветено беше и продолжение на градежната експанзија, асфалтирање на најголем дел од улиците во Берово и населените места и туризмот како стратешка гранка каде вети уредување на голем број спортски терени, летниковци, игралишта, реобновување на кајакарскиот клуб, виртуелен туристички водич, унапредување и зголемување на сите културно-забавни манифестации и фестивали.
Иако ја доби поддршката за втор мандат, веќе е потврдено дека Пекевски нема да бара трета кандидатура, со што најави затворање на својата градоначалничка кариера по овој мандат.
За Канал77 тој вели дека од програмата само проектот за пешачка патека не е реализиран бидејќи имало правни спорови. Тој тврди дека имале и проекти кои не биле предвидени во програмата, но сепак ги направиле. Таков бил старечкиот дом.
„Во последната година од мандатот кога всушност се и локалните избори, дел од проектите се реализирани, дел се во процес на реализација. Најголем успех во овие осум години бидејќи ова е мој втор мандат е деблокада на општината бидејќи со тоа активно се овозможи да може да се функционира, да има нормално буџетирање и можноста општината после долги години да биде барем финансиски стабилна и да ја добие довербата кај граѓаните“, вели Пекевски.
Како направени, тој ги спомена и проектите како водоводот во село Владимирово како позначаен проект, реализација на проектот за одгледување на отпадните води како и подобрување на третманот на суровата вода.
„Аплициравме и за да добиеме средства од унгарскиот кредит, побаравме пари за девет проекти и сите беа одобрени. Дел од нив се веќе реализирани, два се целосно завршени и исплатени од страна на општината, другите три се во постапка на реализација, два привршуваат, така што се очекува во предвидениот рок проектите да се реализираат. Најголем дел од проектите се од областа на транспортот и врските и два во заштитата на животната средина. Има и проекти за изградба на канали за отпадни води“, објаснува Пекевски.
За опозицијата направеното е само видливо за око
Според претседателот на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Берово Столе Кракутовски, градоначалникот имал реализирани проекти, но видливи само за око потенцирајќи ги улиците и осветлувањата.
„Во 21 век на зеленото место Ратево ако за неколку дена не заврне дожд, истото село ќе остане без вода за пиење и без техничка вода. Истото се случува и со населеното место Митрашинци, таму резервоарот е пред распаѓање, таков е случајот и во село Двориште. Овие три населени места во Берово во летниот период немаат вода“, вели Кракутовски посочувајќи ги проблемите во Општината.
Тој обвинува и за слаба реализација во делот на туризмот која е стратешка гранка за Берово.
„Сѐ е оставено на граѓаните кои сакаат да се занимаваат со туризам, но нивните потреби нема кои да им ги исполни, ниту да им пружи било каква помош. Градоначалникот не сакаше да донесе Урбанистички план за туристичката населба Абланица која е атрактивна локација. Таму се гради на диво. Нашата група неколку пати покрена иницијатива за ова прашање, но не успеавме во намерата“, тврди Кракутовски.
Тој го обвини Пекевски дека вработувал партиски кадри во институциите на општината кои ги задолжуваат и уништуваат институциите.
„Средното училиште е задолжено со три милиони денари само за превоз кон приватни компании кои вршеле превоз на децата во текот на една-две години поминати. Друг проблем е што се вработуваат несоодветни кадри кои ги едуцираат децата. Јас имам информации дека над 40 деца се запишуваат во околните градови, а тоа е за нас голем проблем бидејќи ние и така сме мало место со голем интензитет на иселување. Тие имаа и централна власт, но и покрај тој факт, немаме ниту една инвестиција за да ги задржиме младите овде“, дециден е Кракутовски.
Пред да дојдат до мнозинство, тие имале неколку иницијативи кои завршиле безуспешно.
„Имавме многу иницијативи во советот на општина Берово, но за жал немавме мнозинство за да ги исполниме истите. Дури во последните седум-осум месеци го имаме мнозинството и граѓаните веднаш почувствуваа промени во некои одлуки кои ги носеше советот. Тие само бараа партиски војници, едноставно треба да се бара квалитет, а не партиска книшка за тие позиции“, вели тој.
Од Левица Берово, работата на градоначалникот ја оценија како незадоволителна.
„Изгледа само во нашата меморија останаа ветените проекти како реконструкција на кино салата и неговата пренамена во младински центар, зони за мало стопанство, ветените инвеститори, реобновување на кајакарскиот клуб, виртуелниот туристички водич, уредувањето на спортски терени, инвестирање во туризмот и друго. Дали е неспособност или крајна незаинтересираност или стриктен фокус кон евтини политички поени не би можело да се каже, веројатно од се по малку. Се заменија проектите со партиските вработувања и непотизмот како главна одлика на неговите два мандати“, велат тие.
Според нив, доволно е да се погледнат нивните програми по време на кампањата, и на актуелниот градоначалник а и на опозициската ВМРО, за на граѓаните да и стане јасно за што станува збор.
„Сметаме дека како туристичко место најзапоставен дел е токму развојот на туризмот. Нашата моментална понуда е толку минорна што буквално само добрата местоположба на градот и чистиот воздух се причината зошто туристите се немаат сеуште откажано од нас. Друга работа се инвестициите, како општина немаме ниту една инвестиција која би придонела за економски развој а и привлекување на младите“, тврдат од Левица.
Тие сметаат дека доколку тие би управувале со локалната власт, приоритет би биле граѓаните, а не партиските војници.
„Приоритет ќе беа талентираните млади, а не млади на нечии родители. Работникот а не самопрогласената елита и нивните хирови. Ќе изнајдевме начин да привлечеме инвестиции со цел заживување на градот, ќе се изборевме за проекти кои би ги подобриле условите на граѓаните, ќе се ангажиравме за зачувување на традицијата и нашите корени, ќе се потрудевме обичниот беровчанец да сака да остане во родниот град“, децидни се тие.
И додека Звонко Пекевски го финишира својот втор мандат задоволен од финансиската стабилизација и реализацијата на дел од клучните проекти, опозициските партии остануваат критични за нереализираните ветувања, нефункционалниот туризам и партиските вработувања.
Меѓу успехот и пропустите, градот сега влегува во нова фаза на политичка неизвесност, со оглед на тоа што Пекевски веќе потврди дека нема да бара трет мандат. Берово ќе треба да избере ново раководство кое ќе мора да работи за подобра иднина за сите негови жители.
Фото: Општина Берово