Основното јавно обвинителство информира дека го повлече Обвинението врз градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
-Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до Основниот суд во Куманово достави известување со кое го повлече Обвинителниот предлог кој се темелеше на предложените докази, пред се изготвеното материјално-финансиско вештачење во рамките на преземените истражни дејствија, врз основа на кое прозлегуваше дека со дејствијата на извршување на кривичното дело, кои се состојат во непостапување по чл.59 ст.11 од Законот за градење, на двете оштетени правни лица им била нанесена заначителна имотна штета во висина од 3.307.869 денари. Меѓутоа, по изведување на сите докази во текот на постапката и пред се исказите на вештите лица произлегува дека тие се едногласни дека сега, во услови на веќе издадено Одобрение за градење, штетата наведена во обвинението нанесена на правните лица, поради непостапување по чл.59 ст.11 не постои, па оттука неспорно е дека повеќе не се исполнети законските обележја на кривичното дело кое со поднесеното обвинение се ставаше на товар, информираат од ОЈО и додаваат:
-За да бидат исполнети законските обележја од наведената квалификација неопходно е да постои нанесена-настапена значителна штета, која во конкретниот случај во услови на издадено одобрение за градење не постои, согласно вештаците. Јавниот обвинител испитуваше и евентуалното сторување на кривично дело со друга правна квалификација, при што уште еднаш темелно ги анализираше сите докази изведени во текот на судската постапка, а предметот по барање на предметниот обвинител два пати беше рефериран и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Меѓутоа, од сите преземени дејствија се утврди дека не постојат цврсти докази со кои надвор од разумно сомневање би се докажало сторувањето на кое било друго кривично дело кое се гони по службена должност, па јавниот обвинител имаше обврска да го повлече поднесеното обвинение, се вели во соопштението од ОЈО.