Истражувачкото новинарство е скап спорт. Главниот проблем е во тоа што нашите редакции многу малку вложуваат во истражувачко новинарство и ова станува главен извор на сите други проблеми и притисоци. Потребна професионализација, обука и мотивација на младите луѓе кои сакаат да бидат дел од оваа фела, а медиумите треба да се професионализираат и деполаризираат, бидејќи тоа е проблем кој го нарушува интегритетот на медиумите во македонското општество, порачаа говорниците на денешната промоцијата на изданието „Прирачник за верификација: Ултимативен водич за верификација на дигитални содржини во известувањето за кризни ситуации“.
Промоција на изданието е во организација на Центарот за развој на медиуми, а исто така се одржа и панел-дискусија на тема „Истражувачкото новинарство во ерата на информативниот неред“.
Дејан Ѓеоргиевски од Центарот за развој на медиуми пред почетокот на денешниот настан информираше дека прирачникот е дел од серија прирачници што ги подготвува и ги издава Европскиот центар за новинарство, со седиште во Холандија.
-Овие прирачници се посветени на проблемите на новинарската професија. Сепак, не се опфатени само новинарите, туку и граѓански активисти, хуманитарни работници, разни „факт чекери“ и се говори за се поголемото значење на интернет, на социјалните мрежи и на корисничките содржини, во однос на известување на јавноста за тоа што се случува околу нас, рече Ѓеоргиевски.
Според Ѓеоргиевски, секојдневно се сретнуваме со нови информации и извори кои си носат свои опасности. Тој посочи дека прирачникот е практичен водич за снаоѓање во новиот информативен хаос.
Како што информираше, ова е трет од серија прирачници што го преведуваат, а наредниот четврти прирачник е во подготовка.
-Очигледно е дека новинарите и медиумите, за да ја работат својата работа што е можно подобро и објективно и вистински да ја информираат јавноста, ќе мора да се стекнат и со сет на вештини како да се снаоѓаат, како да пливаат низ тоа прилично „бурно море“ на онлајн сфера или во светот на социјалните мрежи. Прирачникот е наменет и за обичните граѓани, за кои очекуваме да се вклучат во борбата против дезинформации, рече Ѓеоргиевски.
Рече дека проектот е наменет за промоција на истражувачкото новинарство и негово поголемо интегрирање во меинстрим меидумите, од каде истражувачкото новинарство за жал, во голема мера е на праг да исчезне.
Што се однесува до предизвиците во истражувачкото новинарство, Ѓеоргиевски потенцираше дека тие се најверојатно поизложени на некои подиректни опасности.
-Главниот проблем е од материјална природа, во тоа што нашите редакции и самите поради беспарица многу малку вложуваат во истражувачко новинарство, затоа што истражувачкото новинарство е скап спорт. Вие треба да одвоите луѓе кои ќе работат само една тема извесно време, тоа во нашата медиумска сцена малку кој може да си го дозволи. Ова станува главен извор на сите други проблеми и притисоци. Ќе се обидеме, преку споредба со странски искуства и со нашите претходни искуства, да понудиме насоки во рамките на овој проект, што би се осврнел кон решение и на ова прашање, додаде Ѓеоргиевски.
Професор д-р Јасна Бачовска – Недиќ од Факултетот за новинарство на УКИМ пред почетокот на настанот изјави дека прирачниот е многу важен, затоа што го актуализира најважниот процес за да едно општество биде квалитетно и демократско при процесот на информирање, бидејќи еден човек при донесувањето на свои одлуки се потпира на информации.
– Истражувачкото новинарство е најпотребен лик на новинарство во едно општество и во една демократска консталација, бидејќи како држава и како општество имаме проблем со обемот на истражувачкото новинарство, со неговото значење, како и со артикулацијата на истражувачките продукти од страна на мејнстрим медиумите. Овие проблеми не се типични само за нашето општество, туку тоа е глобален феномен со новите медиуми, со вештачката интелигенција и со квалитетот на информирањето. Прирачникот претставува поттик за развој на истражувачкото новинарство, бидејќи ние знаеме какви се оценките за истражувачкото новинарство во Македонија, рече Бачовска – Недиќ.
Таа потсети на Извештајот на Рајнхард Прибе, во кој, како што рече, постои констатација дека македонските новинари немаат вештини и оти постои проблем со финансирањето.
-Потребна е професионализација, обука, мотивација на млади луѓе да се занимаваат со истражувачкото новинарство. Знаеме дека интересот е многу мал, загрижувачко мал. Јас доаѓам од таа сфера. Ние секоја година имаме се помал број на заинтересирани студенти да работат, додаде Бачовска – Недиќ.
Како што рече, потребна е и заштита на самите новинари, затоа што истражувачкото новинарство е во топ пет најризични професии, како рударите, полицајците..
-Треба да ја поттикнеме државата да се создаде политичка волја за поддршка на одредени сегмени, но исто така и самите медиуми треба да се професионализираат и да се деполаризираат, бидејќи тоа е огромен проблем кој го нарушува интегритетот на медиумите во македонското општество, посочи Бачовска – Недиќ.
Панел-дискусијата и прирачникот се дел од проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативен неред“, финансиран од Европската Унија.
Проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативен неред“ има за цел да придонесе кон подобрувањето на квалитетот и на одржливоста на истражувачкото новинарство во Северна Македонија, преку размена на знаења и вештини што ќе им помогнат на истражувачките новинари полесно да се справат со предизвиците што ги носи новото хаотични информативно опкружување, како и со идентификација на нови политики за поддршка на истражувачкото новинарство, вклучително и во мејнстрим медиумите.