Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска со 40 гласови „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“ го усвои Предлог-извештајот за земјава подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц.
По гласањето бугарски европратеник најави дека како додаток на Извештајот ќе предложат дополнение со „мислење на малцинството“.
Пратеничката група на Европската народна партија претходно поднесе амандман по скратена постапка за вметнување на зборот „современ“ пред македонски јазик и идентитет во Извештајот, но согласно Деловникот за работа, тој не беше ставен на гласање затоа што против таквиот предлог се изјаснија најмалку шест пратеници членови на АФЕТ. Деловникот предвидува дека предложен амандман нема да биде ставен на гласање, доколку против предлогот се изјаснат најмалку петмина европратеници.
Пред гласањето за усвојување на Извештајот, членовите на АФЕТ одбија неколку амандмани на текстот на документот предложени од бугарски европратеници.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, по усвојувањето на документот, Вајц кој воедно е и известувач на ЕП за земјава, порача дека е горд на целата напорна работа што беше вложена во изнаоѓањето компромиси со цел „овој добро избалансиран извештај“ да може да биде донесен со широко политичко мнозинство.
– ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување, додаде Вајц во писмената изјава по гласањето.
На почетокот на седницата, претседателот на АФЕТ, Дејвид Мекалистер ги осуди обвинувањата упатени изминативе недели на сметка на Вајц околу начинот на подготовката на Извештајот, посочувајќи дека практика е известувачот да биде во контакт со претставници на земјата за која се однесува документот што го подготвува.
Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба на почетокот на месецов го обвини Вајц дека имал „ненајавени средби“ со македонските власти во текот на подготовката на Извештајот и дека ги нарушил правилата за транспарентност на Европскиот парламент, со што, според него, предложениот документ е компромитиран и необјективен.
Сега по усвојувањето од страна на АФЕТ, останува Извештајот да биде одобрен на пленарно заседание на Европскиот парламент. Следното пленарно заседание на ЕП е закажано за од 7 до 10 јули во Стразбур.