Годинава, очекувањата се економскиот раст да изнесува три проценти, додека на среден рок проекциите укажуваат на раст на економијата од околу четири проценти. Основното макроекономско сценарио упатува на солидна динамика на натамошно економско закрепнување, истакнува гувернерот Трајко Славески во интервју за порталот „Пари“.
Славески посочи дека главен носител на растот се инвестициите, потпомогнато од најавениот јавен инфраструктурен циклус, но и од приливот на странски инвестиции и солидната кредитна поддршка на корпоративниот сектор од страна на банките.
– Минатата година, странските директни инвестиции достигнаа исклучително високо ниво од околу седум проценти од БДП, што сигурно ќе ѝ даде позитивен поттик на вкупната економија. Исто така, и на кредитниот пазар е видлива зголемената кредитна поддршка на компаниите. Она што можеме да го видиме преку податоците е постојаното зголемување и на расположливиот доход на населението и на кредитното финансирање на потрошувачката на домаќинствата. Оттаму, и оваа компонента на побарувачката ќе има позитивен придонес во растот. Во околности на нешто помалку поволно надворешно опкружување, годинава се очекува извозниот сектор да има скромна стапка на раст и постепено да закрепнува во следниот период, вели Славески, напоменувајќи дека постојат и позитивни нагорни ризици, со тоа што дел од најавените инфраструктурни инвестиции не се вградени во целост во проекциите. На среден рок, пак, се очекува позитивно влијание од членството во НАТО и од членството во Единствената област за плаќање со евра (СЕПА), како и од новиот План на ЕУ за раст на Западен Балкан.
Во однос на инфлацијата, тој подвлекува дека нагорната ревизија на проектираната стапка на инфлација е умерена и е направена само за оваа година.
– Оваа корекција ја одразува нешто посилната динамика на ценовниот раст од почетокот на годината, пред сѐ кај цените на прехранбените производи, но и нагорните ревизии за движењето на дел од увозните цени на светските берзи во следниот период. На среден рок проекцијата не претрпе промени, односно и натаму се очекува дека инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од два процента. Со ваквата проектирана патека кај домашната инфлација, се очекува распонот во однос на инфлацијата во еврозоната, кој веќе е значително намален во однос на оној во 2022 година, да продолжи да се стеснува, посочува гувернерот, потенцирајќи дека Народната банка ќе продолжи да делува во насока на остварување на ценовната стабилност, во координација со фискалната политика.