Дури 4.500 граѓански потписи ќе требаат за независен кандидат, кој ќе сака да учествува на претстојните локални избори во Град Скопје. Доколку не се направат законски измени и да се промени процентот на собрани потписи, ќе биде речиси невозможно граѓаните, преку независните листи да влезат во општинските совети или да влезат во градоначалничка трка. Уставниот суд го укина членот од Изборниот законик со кој се бараше потписи од најмалку 1 отсто од запишаните гласачи за независните кандидати. Измените на законот не се вградени, што е барање на претставниците на осум независни листи, кои како такви до сега настапуваа во општинските совети. Граѓаните велат дека тешко дека ќе може да се повтори успехот од последните Локални избори од 2021 година, кога во 33 општини имаше по барем еден независен кандидат. Беа избрани вкупно 67 советници од независни листи во општинските совети низ државата, што е околу 4,97% од вкупно 1.347 советнички места. За независните гласале 56.000 граѓани на минатите избори во 2021 година во 33 овие општини и во Градот Скопје.
Тоа беше и рекорден број независни советници од осамостојувањето на државата.
Групата од независни листи до Собранието и Министерството за правда достави неколку бара, од кои едното е да има чисти и прецизни критериуми за учество на независните кандидати. Јана Белчева, независен советник, рече дека јасно е дека има пасивност на граѓаните во гласачкиот процес и независните внесоа зрак надеж за нив.
-Независните покажаа еден интегритет, едно поинакво водење на политички дискусии, го подигнаа нивото на транспарентност во општините во кои делуваат. Во многу поголема соработка се со граѓаните и пореспонзивни се на барањата на граѓаните, вели Белчева.
Низ призмата на Струмица – На локалните избори во 2021 во Струмица беа потребни само 350 потписи за независна листа, додека во Босилово и Ново Село по 150, анализираат од независната група Стига е.
-Но потоа, зад затворени врати, партиите ги променија правилата и воведоа праг од 1% од избирачкиот список – мерка што Уставниот суд ја укина како неуставна и дискриминаторска. Сега, пред изборите во октомври 2025, партиите повторно предложија слични па дури и уште повисоки прагови. Во Струмица сега ќе се бараат 500 потписи – исто колку што претходно беше укинато од Уставен суд. Во Босилово ќе треба 200 потписи, што е 1,63%, а исто во Ново Село ќе се потребни 200 потписи, или дури 1,82%, е пресметката на „Стига е.
Собирање на 50 потписи, како еден од формалните критериуми е едно од барањата на независните.
-Бараме дополнително на што го имаме како искуство од претходните избори кога нашите имиња од групите не ни беа дозволени да бидат напишани на избирачкото ливче, тие повторно да бидат вратени не само носителот на листата, туку и името на групата. Потоа бараме еднаков пристап до медиумскиот пристап којшто ни е оневозможен и она што иако законодавецот го пропиша Изборниот законик да биде достапен и до независните групи и листи, да се почитува, бидејќи минатиот пат ДИК тоа не го испочитува и само независните немаа увид во Избирачкиот список“, вели Белчева.
Власта со лицитација на проценти
Но, премиерот Христијан Мицкоски, ова го нарече барање на поедини здруженија, а како аргумент зошто така висок број на потписи, ја наведе Германија.
-Да речеме во Германија, за да се влезе во Бундестагот, треба 5 проценти. Во други држави треба 3-4 проценти, некаде и повеќе, 5 проценти. Видете, може да се појави некој што не е задоволен. Демократијата е таква што ние не можеме да забраните задоволство или незадоволство, ги прифаќаме тие пораки, ги анализираме и носиме решение кои што одговараат на потребите на граѓаните, а не на поединци или на поедини невладини, изјави премиерот Мицкоски.
Во Германија навистина за независен кандидат да се кандидира за Бундестагот во Германија, што е највисокото претставничко тело, е потребно е да собере најмалку 200 потписи од поддржувачи во изборната единица каде што сака да се кандидира. За да влезе во Бундестагот преку партиска листа, потребно е да се надмине прагот од 5% од гласовите на национално ниво. Но, независен кандидат може да влезе и ако освои директен мандат во својата изборна единица. Во Франција тоа се 500 потписи , додека во некои земји како Канада и Велика Британија, се плаќа депозит, кој се враќа ако се добие одреден процент на гласови.
Независните велат дека партиите се исплашени од независните кандидати, кои покажаа дека можат да бидат гласна сила на граѓаните. Во некои општини како Битола, претседателот на Советот е токму од независна група, но имаше и примери кога независните кандидати биле „паричка за поткусорување“, па кога требале мнозинство биле на една или друга страна.
На последните Локални избори имаше дури 57 независни кандидати за градоначалник. За илустрација, во Македонска Каменица, општина со 8.110 жители, имаше дури тројца независни кандидати за градоначалник.
Барањата на независните
Независните побараа да бидат вклучени во работната група за измена на Изборниот законик, иако ова барање не ни стигна во Собранието, каде законските измени ја завршија целата процедура и стигнаа до гласање, но поради немањето на потребното Бадентерово мнозинство, измените и натаму ќе чекаат на усвојување.
Тоа значи дека независните не беа слушнати пред Локалните избори, кои се очекува да бидат одржани во октомври.
Групата од 8 независни листи се обрати до Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, да не го потпишува законот кога ќе биде усвоен, како што стои во писмото, согласно своите законски надлежности како Претседателка на РМ, но и согласно својот професионален интегритет и етичките вредности како поранешна професорка по уставно право.
-Со Законот се зголемува бројот на потписи потребни за независните кандидатски листи да учествуваат на избори — на некои места за дури три и пол пати повеќе од одредбите кои важеа за време на локалните избори во 2021 г. Со тоа, директно се елиминира можноста за учество на независни кандидати, што претставува флагрантно кршење на уставно загарантираното избирачко право и бескрупулозен изборен инженеринг, велат од независните листи.
В.К.