Штипски СВР соопшти за уште два инцидента со пијани возачи, по случајот од минатата недела кога пијан Виничанец со близу 3 промили алкохол во крвта се преврте со возилото на пат кон Виница.
Првиот случај е со 32-годишен жител на Штип, кој со 3,16 промили алкохол удрил во паркирано возила. Полицијата информира дека синоќа во 23.41 часот во Штип полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Х.П.(32) од Штип.
-Околу 23.00 на ул.„Маршал Тито“ во Штип, Х.П. со патничко возило „фиат“ со штипски регистарски ознаки, кое го управувал, удрил во паркирано патничко возило „рено“ со штипски регистарски ознаки, паркирано од В.Н.(63) од Штип. При преземање мерки во врска со незгодата, полициските службеници констатирале дека Х.П. го управувал возилото под дејство на алкохол, односно му биле измерени 3,16 промили алкохол во крвта, соопшти СВР Штип.
Во друг случај во Берово, синоќа во 19.54 часот, при сообраќајна контрола на ул„Страшо Пинџур“ во Берово, полициски службеници сопреле мопед со пехчевски регистарски ознаки, кое го управувал В.П. (39) од Пехчево. По преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 2,18 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
По целосно документирање на настаните, против двајцата ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.