Во централниот и во северниот дел на Израел вечерва се огласија сирените за тревога од воздушен напад откако Иран истрела неколку ракети, соопшти израелската армија и ги повика жителите да се засолнат.
Началникот на Генералштабот на иранската армија Абдолрахим Мусави претходно ги предупреди жителите на израелските градови Хаифа и Тел Авив да се евакуираат бидејќи следи „казнена операција“.
Израселските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека детектирале нов бран проектили истрелани од Иран.
– Израелските одбранбени систенми се активирани поради пресретнување на заканите, соопшти ИДФ.
Во меѓувреме, иранското Министерство за одбрана соопшти дека денеска првпат употребило нова, ракета што не може да биде идентификувана од радар во напад врз израелска разузнавачка локација, при што успешно ги пробила повеќеслојните системи за воздушна одбрана што ги одржуваат САД.
Портпаролот на иранското МО, бригадниот генерал Реза Талаи-Ник посочи дека се лансирани ракети што „не можат да се следат или пресретнат“.
Според него, ја покажал ранливоста на Израел и покрај тоа што долго време се веруваше оти земјата има еден од најсофистицираните разузнавачки и безбедносни апарати во регионот.
– Многу од нашите напредни системи сè уште не се ни распоредени, посочи Талаи-Ник.
Тој наведе и дека Израел не е подготвен за продолжен конфликт.
– Врз основа на 75 години искуство и голем број воени и невоени фактори и други стратешки размислувања, ционистичкиот режим не може да издржи долга војна, истакна Талаи-Ник.
Претходно, западните медиуми, кои имаат дописници во иранскиот главен град, јавија дека одекнуваат експлозии во повеќе делови на Техеран. Eксплозиите се регистрирани во северниот, западниот и централниот дел од Техеран. Не е засега јасно дали експлозиите се резултат на израелски напади или на оган од иранската противвоздушна одбрана.
ИДФ соопшти дека израелски воени авиони извршиле напади врз 12 ирански складишта и места за лансирање ракети.