Премиерот Христијан Мицкоски очекува средба со бугарските високи претставници на Самитот на НАТО во Хаг, додека на претстојниот состанокот на Комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент, бугарските европратеници да ги повлечат амандманите, со кои се дефинира македонскиот идентитет и јазик со зборот „сегашен“. Оваа изјава следи откако бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека неговата земја никогаш не ставила, ниту ќе стави вето на европската интеграција на Македонија.
-Многу различни пораки стигнуваат од Софија. Нашите стари рекле: „Помалку слушај што зборуваат, повеќе гледај што работат“. Имаме таква можност да го покажат ова што го зборуваат на 24 јуни на Комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент каде се наоѓа извештајот во кој очекувам бугарските членови на ЕП да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето „сегашен“ (презент) и во рамките на европскиот дух да биде усвоен тој извештај, а потоа и Патоказот за малцинските права, кој многу скоро ќе биде на дневен ред. Така што, ете имаат можност ова што го зборуваат на дело да го покажат. Очекувам да ја прифатат средбата во рамките на состанокот на НАТО во Хаг, да се разговара и за Коридорот 8 да тргне и таму работата да биде и тоа приоритет кај нашиот источен сосед и како добри соседи да ги градиме односите, изјави Мицкоски.
Изјавата на бугарскиот претседател Радев следеше по критиките од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Тирана, повика на солидарност и поддршка, а не на „историски ревизионизам“.
На ова Радев потсети дека постои Договор за добрососедство и два протоколи и дека она што го сака бугарската страна е „вистинското почитување на човековите права“.