Франција е потресена по трагедијата во училиште во Ножан, каде 14-годишно момче со нож уби наставничка асистентка. Насилството кое се случи среде образовна институција – место што треба да биде синоним за сигурност – ја разбуди државата и покрена национален аларм.
Без двоумење, претседателот Емануел Макрон излезе со најави кои звучат како дигитална бомба:
„Ќе предложам целосна забрана на социјалните мрежи за деца под 15 години – дури и ако тоа значи дека Франција ќе делува сама.“
Во интервју за France 2, Макрон беше дециден:
„Ова е прашање на заштита на животот. Ако Европската Унија не реагира – ќе дејствуваме самостојно.“
Зошто Макрон го става Instagram и TikTok на „црна листа“?
Според него, насилните содржини, онлајн булингот, како и зависноста од екрани, ја нарушуваат психата на децата и создаваат генерација што губи контакт со реалноста. Технологијата станала оружје во погрешни раце.
На платформата X (поранешен Twitter), Макрон јавно ги повика техно-гигантите:
„Го знаете возраста на корисниците – време е да ги користите алатките што веќе ги имате!“
Дали Европа е подготвена за дигитална „чистка“?
Додека трагедијата од Франција ја потресе јавноста, примери како Австралија покажуваат дека забраната не е само теорија. Таа земја минатата година усвои закон кој ги блокира сите социјални мрежи за лица под 16 години. Причината? Ескалација на ментални нарушувања и самоповреди меѓу тинејџери.
Иако формално социјалните мрежи имаат минимална старосна граница од 13 години, реалноста е поинаква – децата без проблем креираат лажни профили и слободно пристапуваат до несоодветни содржини.
На работ од дигиталната револуција
Макроновата офанзива би можела да биде искра за нов европски бран законодавство. Но, дали Унијата има волја да се соочи со технолошките титани? Или ќе остане нем набљудувач додека младите тонеат во дигитален хаос?
По трагедијата во Ножан, прашањето веќе не е дали, туку кога и колку длабоко ќе интервенира Европа.