Најавени лани во октомври ваучерите за електронски уреди за студентите во висина од 250 евра ќе бидат доделени во септември, пред почетокот на новата студиска година. Ова денеска во одговор на новинарско прашање го соопшти премиерот Христијан Мицкоски. Критериум да се добие ваучерот, е студентот да има заверен семестар. Мицкоски рече дека парите за студентите се планирани во Буџетот за 2025 година.
„Процедурата во рамките на Владата, односно Генералниот секретаријат е отпочната. Се дефинираат критериумите и нормално е дека чекаме да отпочне новата студентска година затоа што еден од критериумите е да студентите имаат заверен семестар. И ги чекаме овие бруцоши коишто сега ќе се запишат за да го заверат семестарот и да може да ги добијат тие 250 евра помош од државата за купување на електронски уреди. Така што веќе во септември месец, јас сум сигурен дека тоа ќе се случи, изјави Мицкоски.
Пресметките на Владата се дека вкупната бројка е на приватните и државните универзитети е околу 55 илјади студенти.
Студентите со ваучерите се очекува да можат да купат телефони, компјутер или таблет. Лани во декември владината портпаролка Марија Митева рече дека е отпочната комуникација со компаниите кои нудат вакви уреди на македонскиот пазар со цел утврдување на методологијата за распределба на парите.