Премиерот Христијан Мицкоски, запрашан за случувањата во Кочани и јавните барања за оставки, истакна дека Владата останува посветена на принципите на одговорност и правда, со цел да се избегне повторување на минатите грешки.
„Владата се бори да има одговорност и правда, за да не биде како до сега“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи (МВР) соработува со Обвинителството и дека сите барања од истражните органи се спроведуваат навремено.
„Мислам дека Обвинителството постапува согласно истрагата. Тоа што Обвинителството бара од МВР, тоа и се испорачува. Никој не треба да има дилема. Секој што е одговорен според Обвинителството, МВР ќе постапи така. Да ги оставиме да ја водат истрагата“, изјави премиерот.
Тој упати критика до политичките партии кои, според него, се обидуваат да капитализираат врз трагедијата.
„Жалам што одредени некрофили од политичките партии се обидуваат да добијат политички поени, мислам дека им се враќа како бумеранг и не им успева. Јас нема да го политизирам случајот“, додаде тој.
Мицкоски нагласи дека болката за загубата е трајна и длабока, особено за родителите, но институциите се должни да ја обезбедат правдата. „Болката ќе трае цел живот кај родителите, а ние имаме одговорност да се бориме за правда. И сега гледате дека има правда“, изјави премиерот.