Во Универзитетскиот клинички центар во Белград веќе нема пациенти кои се лекуваат од пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март оваа година. Двајцата последни пациенти кои се лекуваа во Белград од 17 март – Андреј Георгиев (23) и Ангела Бошковска (24), попладнево ја напуштија Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС во добра здравствена состојба.
Во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани на 16 март загинаа 62 млади лица и околу 200 беа повредени од кои стотина се лекуваа во странство. На лекување се уште 12 повредени од кои седуммина во странство.
Ангела и Андреј изразија бескрајна благодарност до лекарите во УКЦС за нивната грижа и пожртвуваност при нивното лекување. Ангела Бошковска е од Скопје, Андреј Георгиев е од Кочани. Ангела е студент во петта година на Медицинскиот факултет, додека Андреј студира на академија за ИТ и работи.
– Бескрајно сме благодарни на докторите и целиот медицински персонал во Клиничкиот центар за се она што го направија за нас, за лекувањето за грижата, нагласи Андреј.
Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС изрази благодарност до српските власти и министерот за здравство Златибор Лончар како и до македонските власти.
– Изразувам и благодарност до македонските власти кои секојдневно беа во контакт со нас, како и на македонскиот амбасадор Никола Тупанчевски кој постојано прашуваше за состојбата на пациентите. Еве денеска ги отпуштаме последните двајца пациенти кои ги лекувавме во Ургентниот центар. Седумнаесет пациенти беа примени на 16 и 17 март со повреди здобиени во пожарот во дискотеката во Кочани. Сите беа згрижени и лекувани во Ургентниот центар“, рече д-р Стојичиќ.
Тој додаде дека сите пациенти кои биле примени во Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Србија преживеаја и беа успешно лекувани.
-Вкупно 17 пациенти беа лекувани во УКЦС во Белград. Петмина од нив беа интубирани – на механичка вентилација. Најважно е дека сите пациенти преживеаја. Сите беа донесени во тешка состојба со инхалациони повреди и благодарение на нашите тимови имаме добри вести. Јас можам да кажам дека ова е уште еден чин на добрососедски односи меѓу Северна Македонија и Србија. Цело време имавме голема поддршка од нашите претпоставени не само од Клиничкиот центар туку и од министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар како и со македонскиот амбасадор во Белград, Никола Тупанчевски и со секретарот во Амбасадата, Емре Мустафи, изјави д-р Стојичиќ.
Во УКЦС наведоа дека имале одлична соработка со сите лекари од Ургентниот центар – анестезиолози, специјалисти по физикална медицина, пулмолози, бронхолозиЗаеднички тимови кои успеаја да ги спасат повредените од пожарот кои беа донесени во Белград.
– Не беше лесно лекувањето на овие пациенти. Андреј и Ангела имаа многу тешки повреди. Сепак, беа и во друга држава ама се трудевме да се чувствуваат како да се во своја држава на лекување.
Тој им посака брзо враќање во секојдневието.
-Сега се враќате кај вашите најмили и ви посакувам да продолжите таму каде што застанавте – да продолжите со животот што е пред вас.