Опозициската партија Либерално-демократска партија (ЛДП) најави дека ќе го поднесе Предлог законот за отворени листи и една изборна единица, која исто така вклучува можност за кандидирање на независни пратеници. Ова е трет пат како ЛДП предлага ваква измена, откако претходните иницијативи не добија поддршка во парламентот.
Иницијативата доби поддршка и од други политички субјекти. Демократската обнова на Македонија (ДОМ) ја поздрави иницијативата, истакнувајќи дека треба да се прошири со воведување на пропорционален изборен систем без праг и со отворени листи. Исто така, Демократскиот сојуз најави дека ќе достави свој предлог-закон за една изборна единица, поддржувајќи ја определбата на премиерот Христијан Мицкоски за оваа реформа.
Но, што конкретно значи ова? ММС разговараше со Моника Зајкова, претседателка на Либерално-демократска партија која смета дека веќе се доцни со овој предлог бидејќи не е нов и е потребна итна промена.
„Ние во изминатите два парламентарни состави заедно со Демократкиот сојуз, со ДОМ, со ВМРО Народна партија, Левица и Панчо Минов сме го поднеле овој предлог. Тој не опфаќа само една изборна единица, туку отворени листи што за нас е многу важно во пресрет на локалните избори бидејќи ние мора да не се однесуваме дека се е по старо и така ќе тераме, мора да направиме одредени промени кога гледаме дека не ни функционира вака моделот. Овој предлог го опфаќа и оној кој го бараа независните граѓански организации во делот на независни листи“, вели таа.
Во пракса, ова би значело дека граѓаните сами ќе можат да одлучат од понудените кандидати на листата кој од нив ќе го заокружат.
„Редоследот се избира според оние кандидати на листата кои што имаат најголем број на гласови. Ако на пример одреден кандидат е 15-ти на советничката листа, меѓутоа поголем број граѓани го заокружиле него, тој ќе влезе во советот, а не првите неколку кои се предложени на листата. Доколку граѓаните ве препознаваат како нивен сојузник и партнер и сметаат дека вие најдобро ќе ги преставувате, тогаш вие ќе станете советник“, рече Зајкова.
За тоа колкави се шансите овие измени да бидат направени и за локалните избори, таа смета дека ако се има волја, тоа може да се случи.
„Ако политичките субјкети сметаат дека нема време сега да се смени, важно е законот да влезе во процедура, а инаку има начин како да се стави од кога да важи. Но, се надеваме дека веќе нема да биде декларативно бидејќи со години се изнаслушавме дека сите подржуваат, но тоа никако да стане реалност. Ајде еднаш да го донесеме законот и да се применува“, децидна е таа.
Зајкова верува дека времето е дојдено за тоа и дека има расположение тоа да се оствари.
„Сметам дека ова е еден вид унапредување на демократијата каде многу земји во регионот ова веќе го имаат. Ако вие сами можете да изберете кого преферирате, тоа значи дека повеќе се слуша граѓанскиот глас“, вели Зајкова.
К.Т.