Дуетот Сузе Гавазова и Љупчо Горгиев со песната „Љубовта не расцути“ победи на 38 издание на фолк фестивалот „Валандово“, што се одржа вчера во Домот на културата „25 мај“ во Валандово.
Второто место му припадна на уште еден дует, Благоја Грујовски и Василија Петрова, за песната „Што си ветивме“, а третото на Смиља Митровска, која настапи со песната „Дојди“.

На фестивалот беа доделени и стручни награди, како награда за најдобра интерпретација, која ја освои Јованка Јо, награда за најдобар аранжман, која замина во рацете на Драги Станков за песната „Ти“, а ја отпеа Кире Наунов, награда за текст за Валентин Соклевски за песната „Три извора, три изгора“ во интерпретација на Ефто Пупиновски и наградата за дебитант која му припадна на Чеде Спасиќ.

На ова издание на фестивалот постхумно му беше доделена награда за животно дело на легендата Гоце Арнаудов, која ја прими неговата сопруга Силвана Арнаудова, а која низ солзи се заблагодари. А публиката на нозе и со аплауз му оддаде почит на незаборавниот Гоце.

На ова издание на фестивалот ќе останат запаметени уште многу нови хит рефрени од фолк музиката, кои ги отпеаја Горан Тодоровски, Блага Петреска, Драган Мијалковски, Елена Андоновска, Ефто Пупиновски, Мишко Крстевски, Драган ДацеНиколовски…

Организаторот, Општина Валандово и оваа година славењето на валандовската песна го направи со едн фестивалска вечер и два дена концерт на познати уметници. Во петокот на плоштадот концерти одржаа Кико Болеро, Сузана Спасовска и Тамара Тодевска.

Во саботата концерт требаше да одржат Тајзи, Каролина Гочева и Ike De Koka, но поради големото невреме концертите се одложени за вечерва.