Обвинителството денеска објави дека поднело две посебни обвиненија поврзани со скандалот на Клиниката за онкологија, кои ја отвораат една од најсериозните истраги во македонското здравство. Како што изјави шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, предметот е поделен на два дела – едниот ги опфаќа финансиските злоупотреби, а вториот третманот на пациентите.
Првото обвинение се однесува на економското работење на клиниката и опфаќа две лица: поранешниот медицински директор и економскиот директор на установата. Според обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска, тие се товарат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата, извршени во периодот од 2018 до 2022 година. Со своите дејствија, тие нанеле штета на државниот буџет и истовремено прибавиле значителна имотна корист.
Обвинението посочува дека лекови се набавувале на реверс – без правна основа, а потоа се организирале јавни набавки за веќе испорачани лекови, со што се создавале незаконски обврски за Фондот за здравствено осигурување. Освен тоа, ексдиректорот Нино Васев се товари дека фиктивно раздолжувал лекови кои никогаш не биле аплицирани на пациентите, при што само кај девет пациенти била забележана разлика вредна околу 2 милиони денари.
Според обвинението, тој присвоил скапи лекови како авастин, херцептин, ербитукс и други, со што противправно се стекнал со имотна корист од најмалку 13 милиони денари.
Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари, меѓу кои и поранешниот директор Нино Васев како првообвинет. Тој е обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, бидејќи, според обвинителството, применувал неподобни методи кај 29 пациенти, сериозно го нарушувајќи нивното здравје.
„Откако со свои потпис ќе го потпишел и одобрел лекот, фиктивно ги раздолжувал, не ги аплицирал на пациентите во чие име било употребуван. И така постои разлика помеѓу требована разлика и раздолжена количина на пациенти од 2 милиони денари. Ова е констатирано кај девет пациенти. Медицинскиот директор користејќи ја неусогласеноста на издадените лекови од аптека и примени лекови во организационите едници на клиниката, каде бил одговорен организацискиот директор – присвоил дел од лековите кои Клиниката требало да ги има на залиха. Станува збор за девет лекови – авастин, херцептин ербитукс, фубрестан… Прибавил противправна имотна корист од најмалку 13 милиони денари“, објаснува Ана Гоговска-Јакимовска, обвинителка во случајот „Онкологија“.
Еден од сообвинетите лекари му овозможил пристап до системот со факсимил и лозинки, додека другите двајца се обвинети за пропусти при одредување на терапијата – препишувале нови генерации лекови во напредна фаза на болеста, без прецизна проценка на состојбата, тежината или висината на пациентите. Ова дополнително ја влошило здравствената состојба кај некои од нив.
Како што посочи обвинителот Бубевски, истрагата продолжува и во други насоки, вклучително и со дополнителни медицински вештачења. Обвинителството ќе ја информира јавноста за следните чекори по завршувањето на сите потребни постапки.
Случајот „Онкологија“ предизвика голем потрес во здравствениот систем и ја отвори темата за одговорност и интегритет во јавните здравствени установи.