По неколку часа без струја, поради прекин на снабдувањето нешто по 5 часот изутрината, електроснабдувањето е нормализирано. Компанијата Мепсо соопшти дека се работи за „регионален и европски проблем со кои се соочуваат речиси сите преносни систем оператори поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија во текот на ноќните часови и викендите во овој период од годината“. Според објаснувањето, дошло до дефект и краткотраен испад на 110 kV преносна мрежа.
-Причина за овој прекин се високите напони на 400 kV мрежа во целиот регион, што го афектираше нашиот систем и го предизвика краткотрајниот испад на енергетските трансформатори 400 /110 kV во трансформаторски станици.Од настанување на испадот, екипите на АД МЕПСО експресно реагираа и за околу еден час по прекинот, нормализирано е напојувањето со електрична енергија во државата, соопшти Мепсо.
Сепак, граѓаните реагираат на немањето информации за тоа што се случува. Бројни се реакциите по социјалните мрежи. Оние кои успееја да го добијат контакт центарот на ЕВН беа информирани дека се работи за голем дефект. Од изутрината државниот систем кој треба да информира и алармира, не беше во функција.
Без струја останаа цели градови или половина Македонија. Струја немаше во Кичево, Прилеп, Битола, Охрид, Штип, Струмица, Кочани, Крушево, Скопје, Гевгелија и Куманово.
Меспо во соопштението реагира на неодржуваниот систем во минатото, што, како што соопштуваат, сега „систематично преку реализација на новите инвестиции во тесна соработка со соседните преносни систем оператори, се придонесува за зајакнување на стабилноста на системот“.