На матичната Комисија за образование, наука и спорт во македонското Собрание вчера беа прифатени измените на Законите за основно и за средно образование. Една од измените на Законот за средно образование, која предизвика внимание во јавноста е Членот 93-а, со кој се зголемуваат платите на директорите и помошниците директори. Со зголемувањето, платата на еден средношколски директор со над 50 паралелки ќе изнесува околу 1000 евра. Во зависност од бројот на паралелките во едно средно училиште, ќе зависи и процентот на зголемување на платата на директорот.
„Основната бруто-плата на директорот се пресметува така што основната бруто плата на наставник се зголемува за соодветен процент во зависност од бројот на паралелките и тоа: – за директор на средно училиште со над 50 паралелки се зголемува за 49%, – за директор во средно училиште од 37 до 50 паралелки се зголемува за 34%, – за дирeктор во средно училиште со ресурсен центар се зголемува за 34%, – за дирeктор во средно училиште од 17 до 36 паралелки се зголемува за 30%, – за дирeктор во средно училиште до 16 паралелки се зголемува за 22%“, пишува во Член 93-а.
Со законските измени, платата на помошник директорот се зголемува за 9%. Додека делот на плата за работниот стаж на директорот на средно училиште се вреднува во износ од 0,5% од основната бруто-плата на директор за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20%.
На матичната Комисија немаше расправа за платите, но затоа од страна на опозициските пратеници беше дадена забелешка за честото парцијално меднување на овие два закони. За неполни четири месеци од средината на декември 2024 година до денес, законите се менуваат четири пати, беше речено на расправата, за што една од причините, како што беше нагласено, е неусголасеноста со колаиционерите од ВЛЕН за интонирањето на химната. Исто така беше дадена забелешка на парцијалното менување, без ниту една јавна расправа за измените.
Во однос на измените на Законот за средно образование, меѓу другото, се враќаат сметководителите како вработени лица – советници за сметководствено работење, а им се решава и статусот на воспитувачите во ученичките домови со трансформација на вработувањето.
В.К.