Во Струмица започна поставувањето на хиперлокална мрежа од сензорски монитори која овозможува брзо и ефикасно во било кој временски период откривање на жаришта и извори на загадување на воздухот. За почеток на 6 локации во градот се поставени сензорски монитори. Како што најавуваат од општината, нивниот број ќе се зголемува. За градоначалникот Костадин Костадинов, овој проект е уште една потврда за заложбата негова лична и на општина Струмица, за намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух, по воведувањето на јавниот електричен превоз и изградбата на велосипедските патеки.
-Поставувањето на ваквите монитори на микро – локации ќе им овозможи по пат на апликација на граѓаните, а уште повеќе на инспекциските служби на општина Струмица 24/7 да имаат веднаш анализа на потенцијалните жаришта на загадување. Ова значи дека не мора само со очи да ги гледаме оџаците, туку во секој момент да имаме анализа од што е загадено, од каде доаѓа загадувањето и инспекторите соодветно да постапуваат и доколку инспекторите не се во работно време тоа ќе имаат можност да го прават граѓаните. Со таквите сензори практично секој граѓанин станува инспектор во општина Струмица и тоа е навистина благодет, вели Костадинов.
Градоналникот на Струмица, Костадинов, е на став дека треба да ги земаме позитивните практики од Европа и светот.
Вакви сензорски монитори има во европските градови, како Милано, Лондон, Париз. За илустрација, во Лондон при имплементација на еден таков проект за 4 пати се намалило аерозагадувањето.
Д-р Сашо Манасов е професор по компјутерски технологии и вештачка интелигенција го предводи овој иновативен проект којшто општина Струмица го реализира во соработка со Конзорциум на компании и универзитети од Македонија, САД и Велика Британија.
Од 2014 година кога се креирало софтверско и хардверско решение за решавање на проблемот со загадувањето во урбани средини, нивните проекти се имплементирани во повеќе од 50 држави и повеќе од 90 метрополи во светот.
-Науката е јасна дека загадувањето на воздухот не е рамномерно распределено. Постојат жаришта на загадување на микро локации, каде концентрациите во тие жаришта се неколку пати повисоки од она што го покажуваат државните референтни станици, на пример во Струмица има една државна станица, којашто не може да ги открива жариштата на локации на целата територија на општина Струмица, туку само во нејзината околина, рече професорот Манасов.
Започнувањето на функционирањето на Локалната мрежа за мерење на загаденоста на амбиенталниот воздух во општина Струмица беше презентирано и пред граѓаните.