Александар Ѓорѓиев е името на 33-годишниот фотограф кој го загуби животот во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Александар стана еден од починатите херои од пожарот во кочанската дискотека, кој го загуби својот живот во обид да ги спаси другарите, кои сеуште биле заглавени во запалената дискотека. На тој кобен 16 март, по избивањето на пожарот, овој млад кочанчанец, со тешки симптоми на труење е пренесен во Општата болница – Кочани, каде почина.
Александар е познат фотограф, кој го знаат сите во градот и по студиото „Фото Ѓорѓиев“ во центарот на Кочани. Со месеци пред неговата смрт, се обидувал да си ги наплати услугите за групно фотографирање на класовите во кочанското основно училиште „Никола Карев“ направени на крајот на ланската учебна година. Тој успеал да си ги наплати само парите предвидени со тендерот на училиштето за сликање за табло, но не и парите за групните слики на класовите кои му било ветено дека ќе му бидат исплатени откако ќе бидат соберени од учениците.
Сега наплатата на долгот останува во наследство на неговото семејство. До редакцијата на Канал 77 и ММС стигна писмо со Барање од 5-ти март 2025, во кое, сега починатиот Александар му се обраќа на Училишниот одбор на ООУ „Никола Карев“. Во писмото, го известува УО дека не му се исплатени парите за групното фотографирање на класовите на учениците од прво до деветто одделение на крајот од минатата учебна година, од мај 2024 година.
„… И покрај тоа што фотографиите беа навремено доставени и поделени до сите паралелки и класни раководители во училиштето, јас до сега се’ уште немам наплатено ни денар за таа завршена услуга, вели Александар во Барањето од 5-ти март годинава.

Од семејството информираат дека до денес ниту фото студиото, кое е сеуште активна фирма, ниту родителите на Александар не ги добиле парите од групните фотографии на класовите.

Се обративме кај директорот на училиштето „Никола Карев“, Александар Андов, кој изјави дека семејството парите треба да си ги бара директно од родителите на учениците и од класните раководители:

„Тоа што го добил по тендер, кај нас, сè е исплатено до денар, а тоа што има сликано некои ученици, класови, не знам како да кажам, надвор од тендерот, и што е направено, се одговорни класните раководители и не знам до каде е постапката. За тендерот што го склучил и договорот со училиштето му е исплатено до денар. Надвор од тоа, класови ако се сликале, деца, родители, да си одговарат класните и тие родители што го повикале, вели Андов.
Семејството од друга страна го негира ставот на директорот:
„Како може да бидат одговорни класните раководители за нешто, а директорот да не е и тоа да не го интересира? Класните раководители ги наплаќаат парите од учениците, а потоа сите класни раководители ги предаваат собраните пари кај раководството на училиштето, кое го исплаќа фотографот. Но ете, ако не е така, во знак на добра волја, директорот ако ја зборува вистината може да ги собере родителите и класните раководители и да го реши проблемот“ велат во краткиот писмен допис до ММС од семејството.
Директорот од друга страна вели дека е подготвен да се надмине проблемот, но под услов родителите да имаат фактура:
„Јас го чекам неговиот родител, не знам кој од фамилијата може да дојде, да седнеме, да се договориме, ако донесат фактура, доказ, дека училиштето заостанало со плаќање, не било како што треба, ќе биде ислатено сè до денар, додава Андов.
До овој момент сеуште нема ниту одговор од Училишниот одбор на Барањето на починатиот Александар.
Семејството на Александар во целата тага за изгубениот син, сепак, очекува училиштето да си ја заврши обврската за завршената работа. Велат дека овие средства најпосле, во име на нивниот син и сите загинати, прифаќаат да се донираат преку платформата Support Kocani на било кое од семејствата на загинатите деца, во сеќавање на еден од хероите кои таа кобна вечер спасувањето на повредените го плати со живот.
(К.М.)
Фото: Приватна архива