Забавено е преминувањето на границата меѓу Македонија и Бугарија на граничниот премин „Станке Лисичково“, односно кај Делчево од македoнска страна. Пиродите кон преминот е по земјен пат, поставени се лентите за кои се чека асфалтирање, а целиот премин е со железна конструкција. Се’ уште стојат куќичките каде работат граничните полицајци, цанинарниците и за другите неопходни работи. Преминот во моментот е големо градилиште, иако е значајно проширен, откако почна да се реновира од средината на 2023 година.
Заменик директорот на Територијалната царинска управа-Софија Лачезар Тупавичаров за бугарските медиуми вели дека лентите за автомобили, камиони и автобуси се веќе подготвени, а се вршат завршни работи и обележувањето.
-Во моментов четири од лентите се отворени, а работат и вагите за мерење товари на камиони, информира Тупавичаров.

Според бугарските власти, работите доцнат една година, но преминот се очекува да биде готов до летото. Доцнењето, според властите е поради временските услови и неповолните прилики за градежните активности.
По реновирањето, пунктот ќе има три ленти за влез и три ленти за излез, од кои по две за автомобили. Ќе има и по два кантари за мерење на камионите, наместо еден како до сега, сали за темелна царинска проверка на камиони и автомобили, работни кабини, санитарни јазли, како и локација за последователно поставување на рендген систем. Се гради и нова двокатна административна зграда. Вкупната реконструкцијата се очекува да чини 9 милиони евра.
Преку преминот Делчево – „Станке Лисичково“ месечно во просек поминуваат по околу 3.000 камиони. За автомобилите поинтензивно е преминувањето за време на викендите, кога Бугарите доаѓаат на пазар во Делчево, додека македонските граѓани, иако се’ поретко, заминуваат на викенд или еднодневна прошетка.
Весна Коловска