„Ве поканувам да ни се придружите во овој историски момент и да бидеме заедно во создавањето на подобра иднина за нашиот град! Четврток, 24.04.2025 година во Спортската сала „Ивандол“ во 18:00 часот. За Кичево кое расте и оди напред, добредојдени сте!“.
Ова е поканата на Шкодран Алили, адвокат и активист од Кичево, кој е првиот во државата со официјална објава на кандидатура за градоначалник на Локалните избори кои треба да се одржат во октомври годинава. Алили е особено активен последниот период на терен и амбициозно ја најавува трката за која амбиции пројавува и актуелниот градоначалник, Фатмир Дехари, кој исто така има свои теренски активности, каде одржува собири со граѓаните.
За разлика од албанските партии, што се однесува до Кичево, македонските партии далеку заостануваат и засега освен шпекулации нема најави за можно окрупнување на македонскиот блок и поддршка на заеднички кандидат.
Иако се’ уште е далеку терминот на објавување на датумот за одржување на изборите, особено во албанскиот политички блок , каде веќе се шпекулира со имиња во повеќе општини во западниот дел.
Со оглед на цврстата партиска рака во двете големи македонски партии, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, амбициите на поединци засега се длабоко во сенка на одлуката на лидерите кој ќе се кандидира за градоначалник. Ова секако остава простор за истакнување на потенцијалните независни кандидати и оние од малите партии, кои повторно не успееја и пред овие избори преки законски измени да добијат повеќе простор за претставување и истакнување во предизборието.