Во тек е изградбата на двата резервоари за вода кај населбите Пребег и Мерите, со средства од самопридонес, а инвестицијата е нешто помалку од еден милион евра. Нивната изградба оди според планираното, а резервоарот кај населбата Пребег ќе биде готов до септември, информираа на заедничка прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јораднов и директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсов.
Градоначалникот на Општина Штип, Јорданов, рече дека изградбата на резервоарите ќе овозможат дополнителен капацитет за водоснабдување на градот Штип.
- Со нешто повеќе од 2.000 кубици вода, кои што значително ќе ја подобрат состојбата со водоснабдувањето на територијата на градот Штип, пред сѐ во летните месеци кога имаме зголемен притисок, зголемена потрошувачка и досега највисоките делови од градот се биле засегнати со овој проблеми, изјави Јорданов.
Тој најави дека се очекува да се започне со изградба и на трет резевоар кај месноста Каваклија, а со кој исто така ќе се зголемат количните на вода за пиење во друг реон на градот Штип, а тоа се населбите Суитлак, Каваклија и Деснаци. Изградбата на овој резевоар општината ќе ја чини околу 200.000 евра. Јорданов додаде дека се инвестира и во реконструкција и изградба на нови секундарни, но и главни водоводни мрежи, со што ќе се намалат загубите на водата за пиење, но и ќе нема чести дефекти, поради силниот притисок.

- Некаде 50 литри во секунда филтрирана вода, како загуба е намалено со изградбата на главна линија ниска зона. Паралелно со проектите Водоводна линија два и главна линија во ниска зона работиме на промена и на секундарните водоводни мрежи, рече Јорданов.
Прашан дали и ова лето жителите во високите зони ќе имаат проблеми со водоснабдување, бидејќи резервоарот кај населбата Пребег ќе биде готов во септември, Јорданов одговори дека овој проблем ова лето е решен со активирањето на Водоводна линија два. Дополнителна инвестицијата од над половина милион евра ќе биде и СКАДА системот, со кој ќе се следат загубите на водата за пиење. Проектот ќе се финансира со пари од унгарскиот заем.
Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Арсов на денешната прес-конференција истакна по 30 години е направен основен проект за СКАДА системот и проектот е доставен, по што се очекуваат средства за негова реализација. Инаку за само неколку месеци извршена е и реконструкција на секундарната мрежа на неколку штипски улици во должина од два километри.