Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, остро реагираше на одлуката на Судскиот совет кој изрече само 30% парична казна за судијата Пајазит Пајазити, иако, како што тврди таа, било утврдено дека судијата незаконски постапил и го овозможил бегството на припадникот на УЧК, Блерим Рамадани.
„Пајазити направи правен преседан и додели куќен притвор на лице кое нема македонско државјанство“, истакна Мојсоска, саркастично додавајќи дека само во Македонија е можен куќен притвор за лице барано со потерница за воени злосторства да биде сместено кај роднина.
Таа потсети и на изјава на градоначалникот Арбен Таравари, дадена една недела пред бегството на Рамадани, со која, според неа, се потврдува дека станува збор за „политички протисок кон судството“.
Мојсоска ја искористи објавата и за да укаже на, како што вели, спорното минато на судијата Пајазити. Меѓу другото, го обвини дека ги пуштил во куќен притвор лицата вклучени во безбедносниот инцидент на скопскиот аеродром — меѓу кои, како што тврди, имало функционери на ДУИ — како и дека го спасил од затвор обвинителот Иџет Мемети, прифаќајќи спогодба под законскиот минимум за дело земање мито.
На крајот од својата реакција, Мојсоска го постави и прашањето за актуелната претседателка на Судскиот совет: „Весна Дамева од Судски Совет од кога е во ЗНАМ?!“
Оваа објава доаѓа во период на зголемена јавна критика кон правосудниот систем и неговата транспарентност и непристрасност.