Советот на општина Кочани во понеделник на 14-ти април ќе избира вршител на должноста градоначалник, откако Љупчо Папазов си поднесе неотповиклива оставка на функцијата, по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој досега животот го загубија 61 лице, како и возачот на итната медицинска помош Иле Гоцевски, кој почина на денот на несреќата по 30-часовна смена и повеќе од 10 тури со пациенти од Кочани до Скопје, а над 190 лица беа повредени.
Владата на седница ја прифати оставката на Папазов, што го отвори патот општината да избере вршител на должноста од редовите на советниците, кој ќе ја обавува функцијата до локалните избори во октомври.
Досега во јавноста протече само името на независниот советник Венко Крстевски, кој пак во фејсбук статус негираше дека оваа позиција му била официјално понудена.

- По однос на написите за градоначалник сакам да кажам дека со мене лично ништо не е разговарано и договарано. Сега не е време за поделби во Кочани, сега е време за обединување и затоа сметам дека кој и да е градоначалник од редовите на советниците, треба да е со широк консензус изјави Крстевски.
Официјално не е познато кој или кои кандидати ќе бидат предлози за, можеби, во моментов најтешката градоначалничка позиција во државата, а во јавноста се шират шпекулации дека неколку советници веќе ја одбиле идејата за функцијата.