Случајот со судијата Ељведин Ферати од тетовскиот Основен суд, кој по завршувањето на факултетот сменил четири оценки од факултет, покрена прашања за криминално делување на судијата, без да биде познат фактот дека всушност, тој постапил законски. Судијата кој стана познат во јавноста по пресудата од две години затвор на возачот Менсур Пајазити, кој на пешачки премин за усмрти 22-годишната Теодора Ристовска, го подобрил просекот на факултет со цел да се запише на Академијата за судии и обвинители, но врз основа на измените на Законот за високо образование од 2013 година, кој му овозможува на дипломиран студент да се пријави и преполага предмети на факултетот каде завршил. Во 2013 година се случува смена на двајца министри за образование и наука – Панче Кралев бил до мај 2013 година на оваа позиција, по што доаѓа Спиро Ристовски.
Претходниот состав на Антикорупциска без да соопшти име, откри случај за кандидат на Академијата, за кој во матичната книга се пречкртани оценки и запишани се нови. Тогаш ДКСК не нашла, како што соопшти „соодветна документација за извршена процедура како на пример барање за поништување, решение за поништување на оцените, барање за повторно полагање и други процедури“. По ова Обвинителството отвори и затвори предмет за судијата Ферати, бидејќи пријавите за преполагање на испитите биле најдени.
Законот за високо образование со измените од 2013 година, во време кога ВМРО ДПМНЕ беше на власт, овозможува преполагање, преку издадено Упатство, што може да се најде во секој факултет.
Во Упатството пишува дека завршениот студент може да преполага испити со поднесување на Барање, фотокопија од уверение за положени испити, односно за стекнат стручен, односно научен назив, фотокопија од дипломата и индекс.
„Доколку лицето не го чува индексот, му се издава нов индекс. Лицето поднесува изјава заверена на нотар за бројот на предметите кои повторно ќе ги полага и на која високообразовна установа (универзитет, факултет, институт) во Република Македонија“, пишува во член 4 од Упатството.
Врз основа на уверението за повторно полаганите предмети и уверението за положени испити, односно за стекнат стручен, односно научен назив, на лицето му се издава ново уверение за положени испити, односно за стекнат стручен, односно научен назив. На лицето му се издава додаток на дипломата кој ги содржи оценките од повторно полаганите предмети и новиот остварен просечен успех.
Ви член 15 пишува дека во главната книга на дипломирани студенти, во рубриката забелешка, се наведува дека лицето повторно полагало предмети и се запишува новиот просечен успех.
Според тоа, судијата Ферати преполагал по дипломирањето и добил подобрен успех на додипломските услови, со што се запишал на Академијата за судии и обвинители, по што заедно со синот на поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери беше избран за судија во Основниот суд во Тетово.
Сосема друг случај е изречената пресуда во повтореното судење за прегазувањето на 22-годишната Теодора од само две години затвор. Пресудата, како штои најави претседателот на Судскоот совет Александар Камбовски, ќе биде на увид на ова тело.
„Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме“, изјави вчера Камбовски.
Пресудата ја коментираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека е „згрозен“ и дека „ова не правда, туку потфрлање на системот„.
„Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда, и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда…Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај“, рече Мицкоски (08.04.2025).
Весна Коловска