Утре во Гевгелија во Театарот, а задутре, четврток, 10 април со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонијата ќе се одржи музичко-поетска вечер со Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“.
Скопскиот концерт е завршница на серијата концерти од овој формат кој подразбира спој на музика и поезијата на првиот виолист во Филхармонија, Виденовиќ и неговите врвни млади колеги, Памела Велкова (виолина), Верица Ајтовска (виола), Енис Аљи (виолончело) и самиот автор Марко Виденовиќ (пијано и глас). Претходно овој состав настапи во Загреб и во Белград, кој беше и донаторски концерт со средства за настраданите во пожарот во Кочани.
Во најавата концертот се вели дека овие уметници, со својата професионалност и посветеност, ќе ја пренесат креативната визија на проектот преку изведба на композиции и поетски рецитации, создавајќи уникатна уметничка атмосфера. Специјално за овој проект, Виденовиќ има компонирано 13 оригинални композиции кои совршено ја дополнуваат неговата поезија, што ја прави програмата богата и полна со емоционални и уметнички детали.
Во разговорот, Марко Виденовиќ ни најави еден час уживање и многу емоции низ музиката и поезијата на авторот, концерт посветен на настраданите во Кочани.
-Претходните концерти во Белград и Загреб исто така беа посветени на жртвите од Кочани, каде и ние и публиката бевме многу емотивни. Во публиката имаше луѓе кои пуштија по некоја солза, моментот беше таков. Токму песната „Мевлем“ е посветена на оние што повеќе не се меѓу нас, рече Веденовиќ.
Иако и до сега како автор и музичар организирал настани со спој меѓу музика и поезија, на овие концерти Виденовиќ за прв пат ја говори својата поезија. На концертот ќе има три соло композиции, додека останатиот дел е спој на музика и поезија.