По објавата на вознемирувачко видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како маж физички малтретира жена, Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека насилникот е уапсен и против него е поднесена кривична пријава.
Како што информираат од полицијата, случајот бил пријавен во саботата, 23 март, од страна на мајката на жртвата, која го алармирала Секторот за внатрешни работи во Струмица. По итна интервенција, бил утврден идентитетот на осомничениот – 35-годишниот А.А. од Радовиш, кој е уапсен само еден час по пријавата.
Според првичните информации, нападнатата жена изјавила дека видеото потекнува од јули минатата година, а нејзината мајка го предала како доказ за насилството. Разговорот со жртвата бил спроведен во присуство на социјален работник од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Радовиш.
Од МВР посочуваат дека постои основано сомнение за сторено кривично дело – телесна повреда при вршење семејно насилство, дело кое според Кривичниот законик се гони по предлог на жртвата. Сепак, жената одбила да поднесе пријава.
„Бидејќи во конкретниот случај постои сомнение за сторено кривично дело телесна повреда по член 130 став 2 во врска став 1 од Кривичниот закон, каде во став 5 од истиот член стои дека гонењето се презема по поднесување на предлог за гонење, од жртвата било изјавено дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка“, велат од МВР.
По насоки на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, против осомничениот А.А. веќе е поднесена кривична пријава. Од полицијата нагласуваат дека истрагата продолжува и дека ќе се преземат дополнителни мерки за целосно расветлување на случајот.