Началниците на ОВР Кочани и СВР Штип се разрешени со цел да се обезбеди целосно независна и ефикасна истрага и ваквата одлука не прејудицира никаква вина, изјави денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Со цел да се обезбеди целосно независна и ефикасна истрага, донесов одлука за разрешување на раководни лица во локалната полиција во ОВР Кочани и СВР Штип и нивно заменување со полициски службеници кои не се од овие места, односно се од Скопје. Ваквата одлука не прејудицира никаква вина, туку е чекор кој треба да гарантира дека процесот ќе се одвива без притисоци, сомнежи или влијанија, нагласи Тошковски.
Тој додаде дека во моменти како овие клучно е институциите да работат со највисока транспарентност и професионалност и оти затоа се воспоставува оперативна поставеност што ќе овозможи целосна непристрасност од луѓе кои немаат лични и професионални релации самата средина.
– Ниту началникот на ОВР Кочани, ниту началникот на СВР Штип не се дел од лицата кои биле предмет на распит, а точно е дека во рамки на МВР Одделот за внатрешна контрола се врши темелна анализа на фактичката состојба што е поврзана со кривично-правниот настан и очекувајте во текот на наредните денови да ги споделиме сите поврзани информации со она што ќе биде утврдено од Одделот за внатрешна контрола, рече Тошковски.
Министерот за внатрешни работи поради трагедијата во дискотеката во Кочани, претходно денеска одлучи да бидат разрешени началници, помошници и командири во Штип и Кочани.
Разрешение се – началник на Сектор за внатрешни работи Штип, помошник началник на СВР Штип, началник на Одделение за полиција Штип, началник на Одделение за криминалистичка полиција Штип, началник на Одделение за внатрешни работи Кочани, командир на Полициска станица од општа надлежност Кочани и началник на Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кочани.
Тошковски информира дека се идентификувани и е завршена обдукцијата на сите 59 починати лица од трагичниот настан во Кочани. При пожарот, како што посочи, со повреди се здобиле 196 лица, од кои 20 се деца.
-Во однос на 59 починати лица, сакам да истакнам дека сите се идентификувани, и на 18.03.2025 година е завршена обдукцијата за сите. При пожарот, со повреди се здобиле 196 лица, од кои 20 деца, рече Тошковски на денешната прес-конференција.
Тој информира дека во моментот 93 повредени се на лекување во скопските болници, а 80 се транспортирани во странство и тоа Србија, Бугарија, Турција, Грција, Австрија, Литванија, Словенија, Унгарија и Хрватска.
Вкупно 18 лица се приведени, 16 се задржани, разговарано е со 71 лице од кои 29 во Скопје. Задржаните се товарат за делото „Тешки дел против општата безбедност“, а три лица за делото „Неовластено работење“ според член 353 од Кривичниот законик.
МИА