Термините на погребите на загинатите од пожарот во Кочани по градовите ќе бидат определени од Синодот на МПЦ- ОА, но извесно е дека сите ќе бидат погребани во четврток, 20 март. Ова го потврди Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), по средбата со Митрополитот Брегалнички, владиката Иларион.
-Црквата прави се’ овие чеда достоинствено да се испратат. Точниот час ќе го определи Синодот, затоа што Владиката Иларион сака да приставува на погребите, тоа се негови чеда Божји, рече Ангелов.
Погребите ќе се одржат во координација со семејствата, владата и Синодот. Починатите се во најголем број од Кочани, но има и од Чешиново – Облешево, од Штип, Скопје и Пробиштип.
Телата на 59 починати од пожарот во кочанската дискотека се на обдукција на Институтот за судска медицина во Скопје.
В.К.