Сите пет пациенти примени во болниците во Солун се во стабилна состојба, објави министерот за здравство Арбен Таравари, кој заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, изутринава беа во посета на повредените од пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во болницата „Папаниколау“ и Воената болница во Солун.
– Денеска во раните утрински часови заедно со министерот за надворешни работи г.Тимчо Муцунски и со Д-р Илир Вела дојдовме во Солун за да ја видаме состојбата на пациентите хоспитализирани овде. Само што излеговме од „Општата болница Г. Папаниколау“ и Војната Болница во Солун, сите 5 пациенти примени во овие болница се во стабилна состојба! Им благодарам на нашите колеги во Солун, грчкиот народ и влада за нивната посветеност и помош! Ќе ве информираме за другите пациенти!, напиша Таравари на Фејсбук.
Дописничката на МИА од Грција претходно јави дека Таравари и Муцунски за време на посетата на повредените во Солун беа придружувани од грчкиот заменик-министер за внатрешни работи Костас Јулекас, надлежен за областите Македонија и Тракија и од заменик-министерот за надворешни работи Тасос Хаѕивасилиу.